Вартоломеј: Шизмата што траеше околу шест децении заврши и влегуваме во нов период

„Ја нарековме нивната црква Охридска архиепископија, го исклучивме терминот ‘македонска црква’ и каков било изведен збор од зборот ‘Македонија’. Ги ограничивме границите на јурисдикцијата во границите на територијата на С Македонија, како што се вика денес и сите дополнителни административни прашања ѝ ги доделивме на Светата црква на Србија, со предуслов, овие останати работи да бидат врз основа на светоканонскиот чин и вековните пракси на целата православна црква“, вели вселенскиот патријарх Вартоломеј по признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА

Вселенскиот патријарх Вартоломеј во синоќешното интервју за грчката телевизија ЕРТ изрази задоволство од последните случувања во однос на црковното прашање за земјава, додавајќи дека историски момент е завршувањето на шизмата која траеше речиси шест децении, а оти сега се влегува во нов период.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Вартоломеј објаснил дека уште пред одлуката на Вселенската патријаршијата постоел дијалог меѓу црквите на Северна Македонија и Србија.

„Во изминатиот период, пред нашата одлука, беше започнат дијалог со црквата на Скопје, но нашата одлука ѝ олесни на црквата на Србија и во четвртокот на 19 мај, Неговото Блаженство патријархот Порфириј, поглаварот на СПЦ, го покани поглаварот на Охридската црква и имаа заедничка литургија во Белград. Ова нè исполнува со задоволство. Тоа е историски момент. Една шизма што траеше околу шест децении, по иницијатива на Вселенската патријаршија, заврши, беше отстранета и влегуваме во нов период. Оваа заедничка литургија на 19 мај, Србија ја нарече литургија за помирување и драго ни е за овие случувања“,

вели вселенскиот патријарх.

Конкретното прашање со шизмата, објаснува Вартоломеј во интервјуто, многу години било во фокусот на Патријаршијата, а мошне често доаѓале делегации од нашата црква за консултации, но и барања и од политичкото раководство.

„Се обидовме да им помогнеме. Во некој момент го одредивме неговото блаженство архиепископот на Албанија Анастасиос да има медијаторска улога. Се обиде, отиде, се врати, разговараше со двете страни, не успеа поради реакциите, во главно од страна на српската црква и официјално со писмо, во некој момент го врати мандатот. Но, обидите и молитвите на Вселенската патријаршија не беа прекинати“,

открива вселенскиот патријарх.

Тој посочил и дека по апелациското прибегнување (еклитон) на таа црква кон мајката црква, која според одлуката на четвртиот екуменски собор на Халкидон го има ова неотуѓиво право да одлучува за такви случаи на највисоко ниво била отстранета шизмата.

„Врз основа на овој еклитон ја отстранивме шизмата, прогласивме дека влегуваме во евхаристичка заедница со нив. Ја нарековме нивната црква Охридска архиепископија, го исклучивме терминот ‘македонска црква’ и било каков изведен збор од зборот ‘Македонија’. Ги ограничивме границите на јурисдикцијата во границите на територијата на Северна Македонија, како што се вика денес и сите дополнителни административни прашања ѝ ги доделивме на Светата црква на Србија, со предуслов, овие останати работи да бидат врз основа на светоканонскиот чин и вековните пракси на целата православна црква“,

истакна вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Тој додаде дека Српската православна црква постапила правилно да се придружува кон одлуката на Вселенската патријаршија.

Претходно вчера српскиот патријарх Порфириј од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје објави дека Соборот на Српската православна црква (СПЦ) ја прифаќа и признава автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)

Радосната вест тој ја објави по сослужувањето на заедничка литургија со арихиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, а соопштувањето на одлуката на Соборот на СПЦ беше проследена со долг и громогласен аплауз од верниците кои се наоѓаат во и околу Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.

 

Back to top button
Close