Не го палете огнот

Сакам да Ве замолам Вас, популарни деновиве “експерти”, јавни личности, јавни интелектуалци, функционери од оваа земја, да не го палите огнот на меѓуетничката омраза.

Опасна е и назадна Вашата теза за “надгласувањето на Албанците”; па, броењето на тоа колку пратеници “Mакедонци” ги гласале Заклучоците; па дека “Aлбанец” министер преговарал во име на Македонците итн. Ужас.

Опасна е, мили мои и национал шовинистичка, па дури и примитивна е таа етно-популистичка теза. Таа теза освен што е фалична, пострашно е дека е разорна.

Не точно дека “Македонците” биле надгласани во Парламентот, туку точното е дека македонските институции им припаѓаат на сите граѓани, исто како што и Уставот е на сите граѓани и не се во екслузивна сопственост на етничките Македонци (колку и да се повикувате на етничкото мнозинството и демек инхеретната негова супериорност – WTF). Државата, исто, таа е сечија, не е ниту на партиите, ниту на етничките зедници, таа е на граѓаните. На сите граѓани подеднакво.

Вие, популарни експерти и јавни личности, ова многу добро го знаете, исто како што знаете дека во Собранието не се станува пратеник според застапеност во населено место, туку согласно изборните резултати. Знаете, имено, како се донесуваат одлуките во парламентарна демократија со консоцијативни елементи.

Токму, затоа што Вие тоа многу добро го знаете, Вашата теза е крајно дрска и вулгарна, тенденциозна и со умисла! И, бидејќи ова е случај вреден за коментар , сакам да Ве запрашам: oд која суперматистичка позиција Вие определувате и кажувате кој како ќе само-идентификува – од каде знаете кој е Македонец – а кој не? Што е со Власите, Србите, мешаните идентификации? Дали претходно сте излегле со ваква шугава анализа : “ЕТНОГЕНЕТСКА” (патем во науката сериозно оспорена и срамна идеја која е во непосредна спрега и со еугенизмот и консеквентните екстерминации како холокаустот напр. ); Или кога веќе тргнвте да го палите огнот, би сакала да слушнам што имате да кажете за толкувањето на Хашките случаеви во Парламентот – колку етнички Македонци го гласаа тој антицивилизациски чин, например? Или, зошто јавно не кажете дека дел од пратениците кои јавно се идeнтификуваат како етнички македонци предлагаат влез во Еврозазиска унија, односно, пратениците од кои причини опозицијата не ни гласаа воопшто ( не беа ни Против!),а дел како и вообичаено обожаваат да седеат на две столчиња одеднаш. Што имате да кажете за тие Македонци – мерите ли колку се тие македонски македонци? Вие, етно-популарни експерти и функционери, прво промовиравте идеи за насилната бугаризација на Македонците, па сега и на нивна Албанизација и тоа во комбо со конспирирање на цела меѓународна заедница, особено ЕУ. Жалам што морам да констатирам дека Вие сте школски пример за промотори на етно-популизам (Janne, Stavrikakis, Mudde), а тоа е една од поризичните форми на популизмот – која секако е позразена во време на кризи, а ефектите од етнопопулизмот се сметаат за сериозен безбедносен ризик денес во демократскиот свет ( Имавме и ние искуства од овој вид, а поврзан со кумановски инциденти и биланс од 18 мртви, 27ми април, и минатата недела 47 повредени полицајци од кои еден е доживотно инвалидизиран заради удар со бекатон во пределот на кичмата…). Етнопопулизмот ( комбинација од етно-национализам, популизам, конспирации и дезинформативна пропаганда) е осоебно опасен во услови на глобална криза, војна, и го знаете тоа Вие многу добро!

Затоа, наместо да го палите огнот на раздорот, етно-популарни експерти, добро е да се позанимавате со вистинските прашања – исклучително сериозните услови содржани во Предлог преговарачката рамка ; посебно делот кој се однесува на брзата интеграција на Северна Макeдонија во заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата и позитивните ефекти од тоа (или можеби сте против таков безбедносен чадор)? Исто, условот од преговарачата рамка поврзан со хибридните закани и борбата со дезинформациите , особено во денешни услови на војна и криза: каков ќе биде вашиот допринос во тој правец?

Оттука, уште еднаш љубезно Ве молам, не го потпалувајте огнот на меѓуетничката омраза, наместо тоа позанамавјте се со сериозните предизвици кои допрва ни претстојат.

Ана Чупеска

 

 

 

Back to top button
Close