Мојот другар Баке


Мојот другар Милан Бакев, цел живот познат под прекарот Баке, е најпргавиот, најтемпераментниот меѓу нас другарите. Со таков динамичен карактер секогаш е подготвен да одговори на секое прашање, да се фати за микрофон да пее, да заигра, да се весели по фудбалски натпревар со ќебапи и пиво. Она што е баш специфично за него се пиперките, црвени, зелени, благи или лути, Баке не може без нив, тој е најголемиот пиперкоман во нашето друштво.

Темпераментот му одеше од ,,нога” и Баке имаше невиден осет за фудбал, особено за давање голови. Играше на крилната позиција, вешто ,,мувајќи” се околу голманите. Карактеристично за него е што во гимназиските денови, поминувајќи го времето на бетонското игралиште и низ училишните ходници, беше маркантен по својата физички слабост но исклучителна виталност. Впрочем во неговата виталност се криеше пргавоста. Баке беше еден од ретките наши другари кои уште од најмала возраст тренираше во големите фудбалски клубови како Вардар, Работнички, а во својата 16 година заигра во првиот тим на Алумина- Скопје, тим кој се натпреваруваше во скопскиот подсојуз. Брз како молња и лесен како птица на својата крилна позиција, честопати од навивачите слушаше дофрлувања да си стави две -три камења во џебовите од дресот за ветрот да не го одвее.

По природа чесен, интелигентен, другар до ,,последен здив” , секогаш одговараше најискрено, независно дали нам ни се допаѓа тоа или не. Имал и сѐ уште ги има своите базични човечки квалитети, а тоа се почит и култ кон семејството, другарите, пријателите и целата заедница.

Минувавме многу лета заедно, ама најмногу ми остави впечаток, кој ќе го споделам со вас, а тоа се фудбалските натпревари кои ги игравме на помошните терени на ФК Работнички во Градскиот парк, каде вообичаено така-нареченото „второ полувреме„ беше кај Вршац на ќебапи, пиво или ракија и секако, жива музика. Баке ги обожуваше песните „Мој Милане, јабуко са гране” и „Свилен конац” и на овие две песни секогаш беше најгласниот.

Цел живот го красат особини кои на нас, старите скопјани, многу ни значат, а тоа се еснафлукот, другарството, меѓусебната поддршка во добри и лоши моменти. Но најбитното е што во зрели години и оформени како личности си ги задржавме ,,децата” во нас до ден денес. Спортските игри како фудбал и тенис, друштвени игри и шегувања надвор или по скопските меани, се нашите најубави моменти кога си ги споделуваме сеќавањата од минатото, денешницата, а често разговараме на теми каква ќе биде иднината на нас и нашите поколенија, објективно соочувајќи се со вистинската реалност на нашата татковина. Со ретки исклучоци, но поколенијата на моите другари се заминати надвор од Македонија. Токму тоа му се случи и на Баке, сопруг на Лидија и татко на Раде и Данче. Денеска Раде и Данче се заминати од Македонија и тешко дека ќе се вратат, нешто што за мене е многу тажна констатација. Токму на ваков начин го губиме основниот капитал на едно општество и држава, а тоа е младата популација – единствената и најсилна можност за регенерација. Ова е болна тема на која многу често ја дискутираме , барајќи ја вината во нас што дозволивме ова да ни се случува.

Баке и неговата Лидија се најсреќни кога одат да ги видат своите внучиња во Виена. Од една страна весело, бидејќи семејството на Баке и понатака опстојува, ама тажно за нас во Македонија што стануваме држава со многу висок процент на стара популација.

Баке сиот свој работен век го помина во Центарот за известување и тревожење на Град Скопје во рамки на Министерството за одбрана. За него никогаш не се слушна лош збор во ниту еден сегмент од неговото живеење.

Баке, биди ми жив и здрав заедно со Лидија и семејството, радувајќи им се на внучињата. Силно посакувам нашето дружење да биде до последниот наш здив.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close