Победа, принципи и вредности! А реалности?
Денко Малески
Прославата на 9 мај, денот на победата над фашизмот, нашето државно раководство ја прослави под паролата „Победа, принципи, вредности“.

Ние како буквално да го сфаќаме светот како поле за културен натпрефвар меѓу народите, дури и кога грмат топовите во Украина и Иран а светот е на работ на нуклеарна катастрофа. Всушност, ние не правиме ништо што не го прават сите мали држави на кои им недостасува воена и економска моќ: се повикуваме на принципи и вредности. Само, ми се чини, го претеруваме дотаму што на соговорниците им е непријатно нашето непознавање на реалните меѓународни односи. Ирелевантни во битката меѓу „слоновите“, мислиме дека нашиот „спас“ се принципите и вредносни, нашата морална моќ. Но таквата моќ не се важи многу во еден свет во кој правно сите држави се еднакви, а реално се разликуваат по својата сила. Моралниот јазик не може да ја смени реалноста. Државите во светската политика се раководени од интереси, безбедност, економија и никаква количина морални лекции не може да го надомести тој дефицит кај малите држави како нашата. Историјата е полна со примери, почнувајќи од оној запишан во „Пелопонеските војни“на Тукидид: славната епизода на островот Мелос, кога големата сила Атина бара од граѓаните на островот да го прифатат нејзините услови и да се приклучат на сојузот или да бидат убиени. Гледајќи на компромисот низ призмата на својата 700 годишна самостојност, како на предавство, Мелијанците одлучуваат да загинат за Мелос Ние, колку што можам да го проценам расположението на народот, сакаме да живееме за Македонија.
И додека големите сили се борат за доминација, малите држави се борат за свој опстанок. Она што не учи историјата е дека патот до опстанокот води преку политиката на флексибилност, тактички компромиси,балансирање и прилагодување на малата држава. Не велам дека моралната компонента не вреди ништо, но претераното морализирање што е карактеристично за македонскиот државен врв го блокира ваквиот пат кон ЕУ, зашто не решава ништо суштински во очекување друг да ги тргне пречките на нашиот пат до Брисел. Ако, пак, пораката која ја упатуваме на Европа со солганот со кој го прославивме 9 мај е дека ние ја претставуваме правдата а ЕУ ги гази сопствените принципи, дека ние го претставуваме принципот на слободата и демократијата а Бугарија фашизмот и национализмот, и го затвораме патот на дипломатијата за многу години нанапред. Всушност, прикажувајќи се себеси во најдоброто морално светло „како најдобар студент“( така самите си се оценуваме) во реализирање на Копенхагенските критериуми, политичкото водство на Македонија се ослободува од обврската и самото да стори нешто во реалниот свет кој не е толку морален колку што мислат дека се тие. Нашите политичари би требало да знаат што се бара од нив доколку навистина сакаат да станат дел од европскиот сојуз и пред да им се каже тоа од Брисел. Нам, пак, ни е кажано многу пати што се бара од нас: уставни измени. Нашите политичари не сакаат да го слушнат тоа зашто спротивно на позната мисла на Макијавели, не го разбираме светот каков што е туку каков што ние сакаме да биде. А каков е светот? Во него има двојни стандарди, има вето, има интереси, има силни и слаби, има војни, има неморал, има геноцид, има се најлошо и по нешто добро. Тука, во таквиот свет да се снајдеш е мајката. Во лесниот, светот базиран само врз правото, принципите и вредностите секој може да води држава. Во нашиов случај, порачуваат нашите врвни политичари, само ќе треба Северна Македонија и ЕУ да да прочитаат што е запишано во основачките акти на ЕУ и voila – решен проблем. За жал, таков идеален свет на правото и на правдата не постои.






