Ана Дангова Хуг нов предлог за судија во Стразбур

 

Нов предлог-кандидат за Европскиот суд за човекои права Ана Дангова Хуг е новиот предлог-кандидат за судија во Европскиот суд за човекои права (ЕСЧП) од Република Северна Македонија.  Одлуката беше донесена на денешната шеста седница на Комисијата за избор, откако претходно беше добиено мислење од Советодавниот панел на експерти во Стразбур.

Станува збор за Ана Дангова-Хуг, која беше дел од кандидатите кои претходно, во текот на постапката беа повикани на интервју, но не влезе во конечната листа од тројца кандидати која беше испратена на мислење до Советодавниот панел при Советот на Европа.

Имено, како што соопштија од Комисијата за избор на судија во ЕСЧП, со која претседава претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на денешната седница биле разгледувани три точки – разгледување на мислењето на Советодавниот панел, утврдување на следни чекори и разно.

Членовите на Комисијата изразија задоволство што Експертскиот панел не упатил забелешки за спроведувањето на националната постапка за избор. Според оценката на Панелот, целиот процес е воден транспарентно и не покренува никакви спорни прашања.

Потребата од именување нов кандидат се појави откако Панелот констатираше дека еден од тројцата претходно предложени кандидати не ги исполнува во целост строгите критериуми за судија во Стразбур. Со цел да се запазат предвидените рокови, Комисијата веднаш заседаваше и ја утврди новата кандидатура.

Ана Дангова Хуг доби целосна поддршка од сите присутни членови на Комисијата.

Веќе во текот на утрешниот ден, преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Експертскиот панел во Стразбур ќе биде официјално известен за новиот кандидат на Македонија.

Back to top button
Close