„Огнена група“ во ДУИ: Незадоволство во ДУИ: Дилетантското однесување на извршната власт на чело со Груби предизвика пасивност кај гласачите

Со потпис на Изет Меџити, Висар Ганиу, Муса Џафери, Невзат Бејта, Блерим Беџети и уште неколку истакнати членови на владејачката ДУИ, до медиумите денеска е лиферувана реакција за состојбите во партијата во последните две години. Потписниците тврдат дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со партиските бази. Има и директни обвинувања кон вицепремиерот Артан Груби.

„Кадровски избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби, нема отчет за работата на Владата и политичката програма речиси две години. Поради нефункционирањето на организациониот живот на ДУИ, ние констатираме дека има пад на поддршката на партијата (последните избори во Тетово!) Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите – се вели во реакцијата.

Тие бараат партискиот лидер Али Ахмети да го зачува партиското единство, да се отвори внатрепартиска дебата за надминување на состојбата, но и да се даде отчет и одговорност од носителите на извршната власт.

„Апелираме да се прекине внатрешната политичка ‘војна’ во партијата. Ги повикуваме членството и партиските структури да се ангажираат за надминување на состојбата. Бараме од претседателот на партијата, Али Ахмети, да го искористи својот политички и статутарен авторитет, за да најде решение за зачувување на партиското единство –стои во известувањето до медиумите.

Незадоволните членови на ДУИ писмото до медиумите го испратија од официјалната е-маил адреса на Општина Чаир.

Back to top button
Close