Високопоставен командант на Хамас убиен во израелски воздушен напад врз Појасот Газа

– Военото крило на Хамас насловено како Бригадите „Изедин ал Касам“, соопшти дека во израелски воздушен напад вчера бил убиен 53-годишниот Самир Абу Јунис, високорангиран командант на групата во јужниот град Рафа во Појасот Газа, кој учествувал во планирањето на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Израелската армија денеска потврди дека извршила напад врз висок командант на Хамас, но не го соопшти неговиот идентитет. Според палестински здравствени работници, Абу Јунис бил убиен во Хан Јунис, а во нападот имало и повредени.
Абу Јунис му се приклучил на военото крило на Хамас во 1991 година, а пред да ја преземе командата со бригадата во Рафа, извршувал високи оперативни функции. Погребот, според Хамас, треба да се одржи денеска попладне во Хан Јунис.
Во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година беа убиени речиси 1.200 лица, а околу 250 беа земени како заложници. Во последователната израелска офанзива во Газа, според здравствените власти во енклавата, загинале повеќе од 74 илајди Палестинци.
Иако во октомври минатата година беше постигнат прекин на огнот со посредство на САД, двете страни продолжуваат да се обвинуваат за негово прекршување. Од тогаш во Газа загинале најмалку 1.600 лица, според палестинските здравствени власти, додека Израел соопшти дека загубил пет војници.






