Француските ѕвезди се солидаризираат со Иранките

Славните француски актерки Жилиет Бинош и Изабел Ипер отсекоа прамени од својата коса во знак на поддршка на Иранките кои протестираат поради смртта во затвор на 22-годишната Махса Амини, откако ја уапси полицијата за морал.

Демонстрациите во Исламската Република се одржуваат секој ден откако Амини почина на 16 септември во притвор во Техеран, откако беше уапсена поради неправилно носење на хиџабот.

„За слобода“, рече Бинош откако отсече голем прамен од својата коса и го покажа пред камерата.

Во сечењето коса ѝ се придружија и други актерки и пејачки, вклучувајќи ги Марион Котијар и Изабела Аџани.

„Махса Амини ја злоставуваше полицијата за морал додека не почина. Сѐ што стори е ја носеше својата прекривка за коса на неисправен начин. Почина бидејќи неколку прамени од косата ѝ беа изложени“, стои на Инстаграм во видеото објавено на страница „soutienfemmesiran“ (поддршка за иранските жени) на која се објавуваат снимки на потсрижување на прамени од косата.

„Ова е убав начин да се покаже поддршка“

Оваа објава се прошири и на другите социјални мрежи како Фејсбук и Твитер.

„Иранките очекуваат поддршка од меѓународната заедница. Ова е убав начин да се покаже оваа поддршка“, напиша Ричард Седилот кој ја започна кампањата.

Прамен од својата коса во Европскиот парламент за време на завчерашната пленарна седница исече и шведската европратеничка Абир Ал Сахлани, која е родена во Иран.

извор: ДВ

Back to top button
Close