„Магна Мирорс“ отвори фабрика во Струга

Премиерот Димитар Ковачевски, на официјалното отворање, порача дека одлуката да се отвори фабрика во нашата земја што ќе произведува делови и системи кои ќе се испорачуваат на најголемите светски производители на автомобили – се должи на нашето членство во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, но и позитивната бизнис клима што ја создава државата.
-Да не се отвореше оваа компанија сите млади кои се тука вработени ќе требаше да одат да работат во некоја од земјите во ЕУ и затоа сакам да им се заблагодарам и на Магна и на нејзиниот менаџмент што ја одбраа Северна Македонија за отворање на оваа високотехнолошка компанија – порача Ковачевски.
Компанијата ќе вработува околу 1 300 лица кога ќе го постигне својот планиран капацитет, а поддршката од државата на оваа инвестиција е околу 50 проценти.
Потпретседателот на компанијата „Магна Интернационал“ Дејвид Кресп, порача дека Магна има широко портфолио и е на четврто место глобално во својата индустријата, додека Магна мирорс е лидер во производстото на внатрешни и надворешни огледала за автомобили, како и напредни видео системи за следење на движењето, модули и компоненти за возила.
– Тоа што почна како идеја во 2018, сега е реалност. Нашата инвестиција е околу 35 милиони евра, се наоѓа на површина од 17 илјади метри квадратни и ќе има една илјада вработени – изјави Кресп.
Директорот на ТИРЗ Јован Депотовски, порача дека продолжуваат да работата и очекува двојно да се зголемат странските директни инвестиции.
„Магна интернационал“ е канадска компанија со глобално седиште во Онтарио-Канада, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти.






