Мицкоски со нов став за бугарските клубови. Да се затворат не само Охридскиот туку и Битолскиот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара да се затворат двата клуба и Цар Борис Трети во Охрид и Ванчо Михајлов во Битола поради реципроцитет, а не дека некој бил соработник со ваков или таков. Ова е нов став на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за бугарските клубови во Македонија откако претходно изјави дека треба да се затвори клубот во Охрид и го премолча „Ванчо Михајлов“, а во телевизиско интервју не се огради од Михајлов како соработник на фашизмот иако рече дека не се согласува со неговото дејствување
Ние не само што ги поддржавме туку ги предложивме преку пратеничката Рашела Мизрахи тие измени, и добро е што беа прифатени и усвоени од страна на Парламентот. И треба веднаш да се тргне во процес на апликација односно затворање на тие клубови бидејќи македонскиот клуб што беше отворен во Бугарија, веднаш реагираше бугарската држава и го затвори. Така што не треба да се чека и не треба да се одолговлекува и треба веднаш да се отпочне со затворање на овие клубови кои што се отворени на нашата територија – вели Мицкоски во интервју за „Република“.
Тој ја обвини СДСМ дека се обидува да дефокусира и да измислува невистини за ВМРО-ДПМНЕ и за него. Мицкоски вели дека причина зошто власта треба да ги затвори сите бугарски клубови е како мерка на реципроцитет, бидејќи Бугарија го затвори македонскиот клуб во Благоевград.
Мицкоски вели дека повеќепати во минатото ВМРО-ДПМНЕ се изјаснила дека двата клуба треба да се затворат.
А, затворањето на клубовите бугарски во Македонија да бидам попрецизен и да бидам јасен и да нема никакви дилеми па дури и да не може овие пишувачите и луѓето кои што имаат тенденција и кон мене лично и кон ВМРО-ДПМНЕ да вадат од контекст, сите клубови кои што се отворени треба да бидат затворени како мерка на реципроцитет бидејќи македонскиот клуб во Бугарија беше затворен. И ниту еден нов не треба да се дозволи па макар и го носел името на Пејо Јаворов или Димитар Благоев – вели Мицкоски.