Абази ја испрати Рускоска со букет рози

Новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, денеска даде заклетва пред Советот на јавни обвинители, а потоа во просториите на обвинителство ја презеде функцијата од Вилма Русковска.

На примопредавањето на функцијата Абази и Русковска дискутирале за досегашната работа на обвинителството и работата која претстои, а на примопредавањето на функцијата Абази ѝ подари букет бели рози на Русковска, а таа го информираше за предметите што се водат и му посака успешна работа.

„Го упатив во некои предмети, кај кои колеги се, да разговара со тие колеги за предмети што се од интерес на јавноста. Му посакав се најдобро. Мислам дека на солидни основи го поставив обвинителството и очекувам така да продолжи“,изјави Русковска.

На прашање дали на новиот шеф му кажала каде од нејзиното искуство има „лизгав терен“ во работата, обвинителката одговори дека смета оти Абази е свесен за тоа и нема потреба да му кажува. За нејзината понатамошна кариера, пак, на новинарите им рече дека не размислува во овој момент за тоа со оглед дека има здравствени проблеми и треба да прави операција, пишува Независен.

„Видовте како одам. Морам прво тоа да го средам и треба да одам на преглед, додека не се оперирам јас не размислувам за тоа што ќе правам понатаму. Ова ми е приоритет. Советот на ЈО што ќе одлучи јас не знам“,рече Русковска.

Ислам Абази доаѓа на местото на Русковска откако на непосредните избори на 7 ноември, кои беа организирани според новиот Закон за јавно обвинителство, освои 66 гласа или само два повеќе од скопскиот обвинител Ермон Незири.

фото: независен

Back to top button
Close