Во Македонија ништо ново

Ѓорѓи Тоновски

Впечаток е дека живееме во заморено општество, а тоа не е добро за неговиот развој. Пред нас се бројни предизвици за градење на силна и стројна држава која ќе се натпреварува со високоразвиениот свет. За да се вклучиме во таа трка за влез во друштвото на моќните ни треба грстови ведрина, тони оптимизам и безмерна емпатија меѓу нас – сите Македонци, сите македонски граѓани, сите добронамерни и креативни луѓе во Македонија. Да излеземе од темнините на Балканското минато, на балканизмот и на балканизацијата. Да го надминиме оној дел од историјата на овие простори во кој таа била обременета со постојана меѓусебна завист, омраза, негирање, недоверба и братоубиства. Делот во кој злото беше постојано посилно од доброто, кога злото беше распослано низ македонската земја, кога куршумот и камата зборуваа по плочниците на Софиските улици. Доброто мечтаеше за препознатливо македонско место под сонцето во разбрануваната Европа. Но стварноста беше поинаква, сурова – брат против брат, една идеја наспроти друга идеја, дали Исток или Запад, дали Север или Југ, прашалници за тоа кој ни го сака доброто, кој ни е потпора во мрачните напори и рани за признавање на нашиот лик и опстој. И затоа немавме организирана, цивилизирана колевка…

А потоа ја добивме, се исполни исконската мечта за незавицност и самостојност. И полни со ентузијазам и абиции влеговме во процесот на државотворноста и уставотворноста. Но некои подмолни ветришта и маглини „од негде-некаде” се испречија на нашиот пат. Наместо ново живеење западнавме во проблематично активирана транзиција. Полни 35 години сме запретани во транзиција на општественото уредување од едно во друго, од наводно феудално-социјалистичко кон капиталистичко-модерно и цивилизирано… И, за жал, тука застанавме, наместо напред ние (некои велат) постојано тонеме. Одеднаш ни’ се намали социјалната енергија, се замори колективниот ум, почна да венее интелектот, зашто недоследно го баравме затаениот одговор во однос на предизвикот за “патот кон боговите”, кон богатите и моќните. Занемевме и почнавме да чекориме по инерција. И така 35 години. Никако да се вклопиме во светскиот мејнстрим на квалитетното човеково битисување…

Стана јасно дека државотворноста е тешка, сложена и одговорна задача. За жал, додека тоа сознание споро созреваше кај немоќната популација, големи помаци не се почуствуваа ни во ангажманот на политичките елити и „учениот наш свет”. Народот вели дека овие групации од македонската класно-слоевна структура за тоа време повеќе се усовршуваа во областа на тендерите и на можностите за манипулација со широките народни маси, отколку во областа на мудрато политичко владеење. Мора да се признае дека на овој план одделни припадници на елитните политички кругови постигнаа завидни резултати мобилизирајќи при тоа бројни клиентелисти од подолните управувачки слоеви. (Се разбира, секоја чест на исклучоците, на сите оние кои имаат чувство за општествените потреби и се залагаат за одговорно и чесно извршување на доверената функција. При тоа, поимот исклучок се поистоветува со поимот малцинство).

Се урнисаа врз нас несакани пречки од типот на мизантропство, медиокритетство, лицемерие, и слично. И светската прогресивна јавност ни залепи етикети кои не ги посакува ни еден прогресивен ум во земјава од типот заробена држава, длабоко поделено или затруено општество, валкана држава, хибриден систем и што уште не.

Жален е податокот дека тоа не успеа сериозно да ги мобилизира политичките елити за одговорна одлучна и ефикасна акција против негативните појави. Постоеше надеж дека “учените” ќе понудат решенија за општествените проблеми. За жал, иако сите со дипломи и докторати, повеќето од нив се приклонија кон клиентелизмот. Изостана претпоставената општествена акција и енергија за да се извлече земјата од дното на неразвиеноста. После 35 години од самостојноста Македонија сеуште чека да се случи големиот импулс за развој и цивилизациски скок, како што тоа го направи големата експлозија на стартот на светот.

Но тоа мора да се случи, тој квантен скок. Во спротивно ќе стане пресериозна опасноста од демографски празен простор кој наместо да се нарекува модерна држава ќе се категоризира како ненаселена територија. Не смееме да заличиме на легендата за „Летечкиот Холанѓанин“ – земјата да наликува на брод во кој останаа само група среброљубци кои пловат низ морските маглини, како проколнатите морнари од легендата кои се осудени да пловат вечно/без престан.

Мораме да изнајдеме начини и средства како поединечните лични аспирации по материјални богатства на најодговорните слоеви во општеството да ги трансформираме во света дожност за искрен и смел исчекор на најповиканите и на сите нас со кој ќе се променат тешките состојби во општеството и родот наш ќе си цвета низ македонските простори.

 

 

Back to top button
Close