Ќе се спаси ли домчето во Тафталиџе како културно наследство под налетот на новиот урбанистички план?

Објектот на месната заедница Тафталиџе, популарно наречен „Домче“ во првите години од своето постоење послужил за сместување семејства чии домови биле разурнати од земјотресот во Скопје во 1963 година. Потоа, во просториите на домчето се сместило Културно-уметничкото друштво „Цветан Димов“. Во еден дел од објектот имало народна библиотека со голем фонд на книги, а некои од просториите преминале во своевидни сали за спорт и рекреација. Жителите од околината го користеле за секојдневни активности при исполнување на својот маалски живот, играле пинг-понг, посетувале часови по ора и танци, учествувале во музичкиот клуб, но имале и неформални дружења внатре и во дворот на објектот.

Во домчето на граѓаните им била сместена и месната заедница, во тоа време силна форма на граѓанско здружување за полесно остварување на своите права. Со еден збор домот им бил заедничко јавно добро. Уште повредно затоа што тука младите имале каде да се образуваат – културно, музички, спортски, а некои од нив потоа да станат и професионалци во одредена област… Во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, никој од нив не ни помислувал дека еден ден граѓаните ќе останат без овој нивен заеднички простор каде другарувале и се социјализирале.

 

СПМ станува сопственик на домот

На почетокот од самостојноста на државата, во 1992 година сопственик на објектот станува Социјалистичка партија на Македонија (СПМ). Имено, претходно со домчето управувал Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, организација во која активни биле повеќе здруженија. Тој сојуз кога се трансформирал во Социјалистичка партија на Македонија фактички станал и правен наследник на објектот. Така на едноставен начин СПМ ја презела сопственоста врз домчето и од тогаш започнуваат правните перипетии за неговата вистинска сопственост, како и за градежната интервенција која му се заканува со години.

Уште веднаш по приватизацијата на домчето во Тафталиџе од страна на СПМ граѓаните не можеле да се помират дека нивниот јавен, заеднички простор сега е во сопственост на политичка партија. Тие започнале со граѓански активности со крајна цел да го вратат објектот во владение на месната заедница, на спортските клубови, музичките ансамбли…но ден денес не успеале во тоа. Три децении трае правната битка за нешто да се промени, но ни одблизу нема такво навестување.

Допис од Конзерваторскиот центар до Општина Карпош (скриншот)

 

 

Интересен е фактот дека и покрај промена во сопственоста во 1992 година, во тој објект се до 2011 година таму владение имала општина Карпош, на чија територија припаѓа домчето. До тогаш траел судски процес кој потврдил дека сопственоста е на СПМ со што општината била приморана да се повлече и да го отстапи просторот на вистинскиот сопственик.

 

Додека општината имала владение врз објектот во 2002 година организирала јавен повик за градежни компании за да се реновира зградата, но да остане во својата првобитна форма и изглед, но да ја има и истата намена, да послужи на граѓаните како јавен простор. Но, тендерот немал среќа да заврши затоа што започнал судски процес за утврдување на вистинскиот сопственик, оној процес што траел до 2011 година, кога општината си заминала од домчето.

 

Судот потврдил кој е вистински сопственик

Судскиот процес го воделе општина Карпош и СПМ. Како првостепениот и второстепениот, така и Врховниот суд пресудиле во полза на политичката партија со што се потврдила и формално нивната сопственост врз објектот. Но, оттогаш изминале години, а СПМ и понатаму не може да го реализира својот бизнис план и да го пренамени објектот во станбено- деловен центар и во уште една зграда која би била хотел. Така целиот простор, според планот на СПМ, треба од јавен и заеднички да прерасне во профитабилен бизнис.

 

Но цела деценија тој план се уште не ни почнал да се реализира. Исто толку време се водат процеси пред македонските судови, но овој пат не за сопственоста, туку за урбанистичките планови и за комуналиите кои СПМ ги платила на општината. Како и да е, сето ова придонесува домчето на зјае, останато е само со ѕидовите, поплавено од дождови, претворено во депонија, без никаква заштитна ограда, нема ниту врати, ниту прозорци.

 

 

Документ од Управа за заштита на културното наследство

Одиме по ред. Во 2015 година, тогаш опозициската СДСМ, започна со објавување на прислушувани разговори, снимени во Управата за безбедност и разузнавање (УБК). На прес конференции се пуштаа аудија со гласови на функционери од тогаш владејачката партија ВМРО ДПМНЕ. На една од снимките сопственикот на телевизија Сител, Горан Иванов, инаку син на Љубисав Иванов Ѕинго, лидерот на СПМ, се слуша како зборува со тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, токму за иднината на домчето, односно како да се истурка нов Детален урбанистички план во општина Карпош за парцелата на која е лоцирано или поточно како објектот да се пренамени во станбено деловен.

 

Иванов го замолува Јанакиевски да влијае во општината за да може да се дозволи зграда со висина од 13,5 метри, а министерот му ветува дека ќе му помогне. И навистина, потоа во општината, во јануари 2016 година се носи урбанистичкиот план и на парцелата се исцртуваат два објекта, едниот А2- станбено деловен, со површина од 1 368 м2 во основата, или приземје со шест ката и поткровје. И вториот објект В3 со површина од 384 м2 во основата или приземје со пет ката.

 

Комуналии се платиле, градежна дозвола никогаш не била издадена

Врз основа на новиот план, во ноември 2017 година СПМ платила за комуналии во општина Карпош износ од 17 милиони денари (околу 275 000 евра) и очекувала да и се издаде одобрение за градба кое и денес не е издадено.

 

Имено, во декември 2017 Уставниот суд повел постапка за испитување на уставноста на неколку урбанистички планови на општина Карпош, меѓу кои и оној за домчето, а пролетта во 2018 година Специјалното јавно обвинителство (СЈО) формирано со намена да ги испитува наводите од прислушуваните телефонски разговори, поттикнато од снимката на Иванов со Јанакиевски, ја побарало целосната документација околу предвидените градби, за да провери дали има докази да покренување судски случај. Со овие две активности, на Уставниот суд и на СЈО практично е стопирана процедурата за издавање градежно одобрение.

 

Иницијативата пред Уставен суд ја поднесуваат советнички од општина Карпош, Татјана Чакулев и Невена Георгиевска, а во одлуката на судот објавена во јуни 2018 година се наведува дека при носењето на урбанистичките планови задолжително е носењето на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, документ кој недостасувал во случајот.

 

Владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, се темелни вредности на уставниот поредок и законодавецот пропишал дека во постапката за донесување на урбанистичките планови постои обврска за изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, а доносителот на урбанистичкиот план е должен во рок од три работни дена од денот на одобрувањето на планската програма, со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина.

 

СПМ сака да наплати 3,5 милиони евра од општина Карпош

По ваквата одлука на Уставен суд, привремено е блокиран планот на СПМ за изградба на две згради кои би содржале деловни простории, станови за домување и хотел, или згради кои на партијата СПМ би и донеле финансиски профит. Соочени со новата реалност, дека планот им е укинат од Уставен суд, а паралелно СЈО го истражува случајот, во 2022 започнува нов судски процес, со кој иднината на домчето станува уште понеизвесна. Како инвеститори на двете нови згради се јавуваат СПМ и фирмата „Гренадер“ со управителката Елена Митевски, иако медиумите известуваа дека во позадина на фирмата стои Горан Иванов со Сител.

 

Сега тие, во судскиот процес, кој е во тек, бараат 3,5 милиони евра отштета од општина Карпош, парите кои ги платиле за комуналии (275 000 евра), но и висока отштета за наводно претрпени загуби (3,2 милиони евра), сума која ни одблизу ја нема општината Карпош. Ако судот одлучи да се исплати оваа сума тогаш СПМ ќе има прилика за двојна заработка од иста работа, прво да наплати 3,2 милиони евра отштета, а потоа ако се изградат становите и хотелот да заработи уште еднаш.

 

Законите го забрануваат она што го прави СПМ?

Логично се наметнува прашањето дали и СПМ ќе оствари профит со изградбата на објектите на местото на домчето? Законот за финансирање политички партии јасно определува дека политичките партии не можат да вршат стопанска дејност. Таму е наведено дека политичките партии не можат да стекнуваат други видови приход освен преку камата на депозит депониран во банка, закупнина од издавање под закуп на движен и недвижен имот на партијата, приходи од продажба на печатени, аудиовизуелни и дигитални изданија и приходи од продажба на билети за присуство на манифестации организирани за партиски цели.

 

Во Законот за политички партии стои дека политичките партии се непрофитни организации. Овие два закона јасно укажуваат дека СПМ не смее да остварува профит, каков што е впечатокот, со изградбата на хотелот и становите во Тафталиџе.

 

Како ќе заврши актуелниот судски процес се уште е неизвесно. Едната страна, на СПМ, инсистира да и се исплатат тие 3,5 милиони евра, додека втората страна, општина Карпош настојува да изнуди прекин на судењето за да ја спаси локалната самоуправа од финансиски колапс. Имено, адвокатите на општината го користат аргументот кој произлегува од Законот за облигациони односи, односно дека договорот за заедничка градба на СПМ и Гренадер е ништовен, а со тоа ништовен е и договорот за комуналии преку кој тие платиле 225 000 евра на општината, инаку пари кои своевремено градоначалникот Стефан Богоев се обидуваше да им ги врати на инвеститорите во периодот кога носеше забрана за издавање градежно одобрение под изговор дека Уставен суд укинал неколку урбанистички планови.

 

Ако се докаже тезата дека договорите се ништовни тогаш судскиот процес мора да запре. Но, адвокатите на општината пред судот образложуваат дека судскиот процес е непотребен затоа што во општината во моментот се носи нов Детален урбанистички план наменет за парцелата кај домчето, според кој, по се изгледа, одново ќе се предвидат згради, но не повисоки од четири ката.

 

Актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски уверува дека планот наскоро ќе се најде на јавна дебата и дека покрај задоволувањето на барањето на СПМ (со судска пресуда докажан сопственик на домчето) и Гренадер да се изградат станбено – деловни објекти, во еден дел ќе се одговорело и на потребите на граѓаните со што ќе им се определи одредена квадратура за да можат да поседуваат простор за месната заедница и евентуално други рекреативни активности.

 

Јакимовски ја игнорира можноста општината да искористи други механизми, како купување на парцелата од СПМ, или експропријација на земјиштето, со цел да го обнови домчето и одново да го предаде во владение на жителите од населбата.

 

Дали домчето може да биде културно наследство?

И додека во општината се подготвува нов урбанистички план, летоска Конзерваторскиот центар испратил известување до општината во кое навел дека на опфат на планот се наоѓа и домчето, објект кој има статус на привремено заштитено добро врз основа на Законот за заштита на културното наследство, како добро за кое е поведена постапка за воспоставување на заштита, до донесување на актот за заштита. Центарот напишал и дека треба да изработи заштитно – конзерваторски основи за културното наследство, за подрачјето на опфат на ДУП за „Градска четврт 3, 06, Блок 3, 06.08“, општина Карпош. Овој допис ја враќа надежта кај граѓаните, кои многу пати ја имаат изгубено, дека домчето може и ќе остане јавен простор.

 

Во септември годинава Управата за заштита на културното наследство испратила мислење до извесна кумановска фирма „Тајфа“, која се занимава со архитектура, со известување дека ДУП-от во границите на опфатот постојните културни добра се наведени и нивните заштитни зони се запазени. „Во планската документација се вградени условите наведени од Управата за заштита на културното наследство, како и обврската во случај да се појави археолошко наоѓалиште да се постапи во согласност со законот, член 65. Затоа постапката за усвојување на планот може да продолжи“- стои во мислењето.

 

Инаку, членот 65 од Законот за културно наследство предвидува дека ако во текот на изведувањето на градежни, земјоделски или други работи се дојде до археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење, изведувачот на работите е должен веднаш, а најдоцна во рок од три дена да го пријави откритието и да ги запре работите и да го обезбеди наоѓалиштето од евентуално оштетување и уништување, како и од неовластен пристап. Колку ваквите укажувања на надлежните институции ќе помогнат во заштита на објектот е неизвесно. За сега тој останува пропаднат сведок на едно поинакво време.

Новинарското истражување е дел од проектот „Градот како сцена (изгубени модернистички утопии)“, во режија на Филип Јовановски, чиј перформанс беше прикажан во рамките на 47. издание на Млад отворен театар, МОТ.

Извор: Фронтлајн

Back to top button
Close