Дури 63 отсто од учениците потврдуваат дека насилството е постојано присутно во училиштата
Истражување на „Аналитика“ покажува дека 63 отсто од учениците потврдуваат дека насилството е постојано присутно во училиштата. Според податоците од истражувањето на независната организација „Аналитика“, дури 70 отсто од учениците се сведоци на насилно однесување во нивните училишта, но не го пријавуваат од многубројни причини, меѓу кои бидејќи не знаат кому да пријават или како да пријават, а да останат анонимни пријавувачи.
„Најголем број од нив, дури 60 отсто, го препознаваат физичкото насилство кое во голема мера е највидливо, а во висок процент е присутно и психичкото (43%) и сајбер насилството (27%)“,се наведува во соопштението на „Аналитика“.
Од „Аналитика“ сметаат дека за да се спречи насилното однесување на учениците, особено е важна континуираната и здрава соработка помеѓу родителите и училиштата.
Образовниот систем, односно училиштата, се додава во соопштението, се исклучително важни во процесот на препознавање и пријавување на случаите на насилство, каде може рано да се открие насилството врз децата, со цел спречување на истото.
„Важно е да се воспостави отворен и коректен однос помеѓу учениците, наставниците и родителите бидејќи тоа помага во намалување на насилството во училиштата. Потребно е стручната служба да работи на развој на врсничка едукација за подигање на свеста за постоење и превенција на насилството, на многу повисоко ниво, со што ќе придонесе во намалување на насилството во училиштата“,се наведува во соопштението.
Според „Аналитика“ она што е потребно е да се работи континуирано на превенција на насилство.
„Системот треба да понуди правни механизми за справување со врсничкото насилство. Потребно е да се работи со децата кои се жртви на насилство и да добијат соодветна психолошка поддршка. Додека истовремено неопходно е да се работи со децата ‘насилници’ со цел да се превенира вакво однесување во иднина“,посочуваат од „Аналитика“ и апелираат дека од огромна важност е да се организираат врснички работилници во секое училиште во земјава каде децата ќе се стекнат со алатки и вештини за препознавање и превенција на насилството.
Од „Аналитика“ велат дека клучно е континуирано да се вложува во личниот и професионалниот развој на наставниот кадар и стручните служби во училиштата, со цел истите да стекнат и развијат поголеми вештини и компетенции кои би придонеле во креирањето на подобра училишна клима.
извор 360 мк