360 – Маричиќ: Не знам за формален обид на Заев за уривање на Ковачевски

Во СДСМ немало формален состанок во присуство на Зоран Заев на кој се дискутирало за уривање на Димитар Ковачевски и широка влада со ВМРО-ДПМНЕ без ДУИ, вели вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, по написот на порталот „Плус инфо“ дека „Заев подмолно се обидува да го урне Ковачевски“.

Маричиќ вели дека дел од овие тези, преку социјалните мрежи, ги демантирал и Заев лично.

„Секогаш имало различни дискусии, за различни идеи, меѓутоа, формално, ниту раководството, ниту Извршниот одбор, ниту Централниот одбор дискутирале за ваква идеја. Неформално, дали имало средба на којашто се дискутирале некои од овие прашања, јас не можам да тврдам, бидејќи не сум присуствувал на таа средба“,вели Маричиќ.

За вицепремиерот, нема видлив обид на Заев за уривање на Ковачевски, а за сите различни внатрепартиски мислења, како што вели, се наоѓало начин како да се менаџира единството.

„Мислам дека претседателот Ковачевски ја има целосната поддршка на целото раководство на партијата. Има јасен план што го претстави уште при изборот за претседател и премиер, за одржување на мнозинството и владиниот мандат до крајот, до средината на 2024 година и избори во редовен термин. Во меѓувреме, има многу обврски поврзани и со имплементација на договореното со Европската Унија, францускиот предлог и со реформите и менаџирање на кризата. Нашиот фокус е на тоа и во моментот нема поинаква одлука ниту, пак, има изгледи за таква одлука“,кажа Маричиќ.

Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ

Прашан – колку тензично било во СДСМ пред и по владината седница на 14 декември и именувањето на Зарко Милошевски за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во контекст на наводите дека кулминација на незадоволството на Заев кон Ковачевски се случила токму при назначување на Милошевски за прв човек на АНБ, зашто поранешниот лидер имал друг фаворит(и), Маричиќ рече дека и пред и за време на владината седница се дискутирало во многу трезвена атмосфера и со аргументи за сите кандидати.

„Тој процес траеше доволно долго за премиерот да направи консултација со сите надлежни институции и со сите надлежни политички фактори и со нашите меѓународни партнери, со оглед на тоа дека сме членка на НАТО и функционираме во поширок безбедносен контекст и систем“,одговори Маричиќ потенцирајќи дека САД и ЕУ ја поздравиле едногласната одлука за избор на Милошевски.

Back to top button
Close