Независна агенција за борба против корупцијата и криминалот – Трајанов поднесе предлог-закон до Собранието

Трајанов предлага да се формира независна агенција надвор од политичката и партиска моќ, која, според него, ќе биде отпорна на какви било партиски, коруптивни или бизнис-влијанија, составена од професионалци кои ќе можат да работат на откривање тешки облици на криминал кои го прават носители на високи државни функции

Пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов, денеска до собраниските служби поднел предлог-закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција. Како што соопшти Трајанов на прес-конференција во Собранието, овој предлог-закон ќе овозможи искоренување на тешките облици на корупција, неселективна војна против криминалот и имплементација на европските вредности.

„Скоро сите имаме единствен став, а такви се ставовите и на ЕУ и на САД дека Македонија е криминализирана држава, дека се загрозени основните вредности, правата на граѓаните, но што е најбитно загрозен е опстанокот на државата и уставниот поредок. Поради тоа, мислам дека со овој закон навистина ќе се престроиме и определиме кои сме за ЕУ, за вистинска борба против тешките облици на криминал и корупцијата“рече Трајанов образложувајќи ги причините за поднесување на законот во постапка пред парламентот.

Тој предлага да се формира независна агенција надвор од политичката и партиска моќ, која, според Трајанов, ќе биде отпорна на какви било партиски, коруптивни или бизнис влијанија, составена од професионалци кои ќе можат да работат на откривање тешки облици на криминал кои го прават носители на високи државни функции.

Според него, агенцијата треба да работи и на откривање на скриениот имот на носители на државни позиции кој го стекнале на криминален начин, а новина би било, доколку се открие таков нелегално стекнат имот, а е стекнат за време на извршување на функцијата, тој имот задолжително да се конфискува. Трајанов предлага и заштитна мерка – забрана на политичко дејствување до 10 години ако некој е осуден за вклученост во тешки облици на организиран криминал.

Освен што ќе открива тешки кривични дела со вредност над 100 000 евра, агенцијата треба да ги следи и јавните набавки преку кои „се одлеваат милиони евра во приватни џебови, бидејќи над 90 проценти од нив се наместени“.

„Во РСМ има седум агенции за борба против корупцијата, меѓутоа тие се сите политизирани, не можат да функционираат и затоа предлагам ваква независна агенција. Јавно ги повикувам сите пратеници и политички партии, да се приклучат како предлагачи на овој законски проект и да успееме преку јавна расправа до крајот на март да го донесеме овој закон. Со отворање војна против корупцијата и криминалот навистина ќе зачекориме кон европските вредности и тоа е систем како и на кој начин да се стигне до полноправно членство во ЕУ. Се друго, поделбите за тоа кој е против или за ЕУ, се класични манипулации и тие не не доближуваат до ЕУ и европските стандардирече Трајанов.

Според Трајанов, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) има значителни напори да направи нешто, но нема некои резултати.

Демократскиот сојуз минатиот месец донесе одлука да ја напушти владината коалиција бидејќи, како што соопшти тогаш Трајанов, не биле исполнети програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година. Меѓу тие програмски цели, Трајанов го наведе и формирањето агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и корупција.

Back to top button
Close