Обвинителката Ристоска алармира: Апелација со пресудата за „Талир 2“ ја легализира политичката корупција!

Го пренесуваме образложението на Ристоска во целост:
Согласно Законот за финансирање на политички партии политичките партии не можат да се финансираат од приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор, со тоа што како донација се сметаат и стоките и услугите кои приватните компании ги даваат на политичките партии, а кои ја надминуваат пазарната вредност.
Во конкретниот случај со вештачење е утврдено дека градежното неизградено земјиште сопственост на ВМРО ДПМНЕ во 2013 година имало вредност од околу 800.000 евра, така што десеткратно е надмината неговата пазарна вредност, па ваквиот износ, во смисла на Законот има третман на донација.
Кога во закон постои термин кој не е дефиниран, во овој случај терминот „јавни услуги“, во правната пракса се пристапува кон телеолошко толкување. Се тргнува од текстот на самата одредба, а кога тој не е доволен, се утврдува целта заради која нормата е донесена.
Законот за финансирање на политички партии е донесен во 2004 година, една година по усвојувањето на Препораката Rec(2003)4 на Комитетот на министри на Советот на Европа, и оперира со истата терминологија со која оперира и Препораката — goods and services, односно стоки и услуги. Таа поделба е видлива и во самиот закон: член 15 став 1 говори за донации во вид на пари, материјални средства или услуги, а став 4 за продажба на стоки и давање на услуги по цени пониски од пазарните. Членот 20 алинеја 6 пак предвидува дека политичките партии не можат да се финансираат од приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор. Изградбата на објект не е ниту пари, ниту испорачана стока, туку во таксономијата на Законот таа е услуга. Затоа спорно е толкувањето на Апелациониот суд дека изградба на градби и објекти во сопственост на државата не претставува вршење на јавна услуга. Со ваквото толкување Апелациониот суд ја стеснува националната норма под опфатот на европскиот стандард што таа го внесува во домашното право, бидејќи суштината на членот 5 б од Препораката е токму ограничувањето буџетските пари кои ги добиваат приватните ентитети да завршат во партиската каса.
Со толкувањето на Апелациониот суд се занемарува околноста дека членот 20 од Законот за финансирање на политички партии не бара услугата да е „јавна услуга“ во било каква апстрактна смисла. Тој бара услугата да се врши за државен орган по пат на договор. Придавката „јавна“ во контекст на таа реченица ја означува сферата во која делува корисникот на услугата, не природата на дејноста што се обезбедува со услугата. И останатите алинеи од член 20 кои го ограничуваат финансирањето на политичките партии — забраната за финансирање од странски субјекти, од анонимни извори, од претпријатија со доминантен странски капитал, од државни претпријатија — сите тргнуваат од тоа од каде доаѓаат парите. Затоа и интерпретацијата на алинејата која се однесува на овој конкретен случај мора да ја следи истата логика и да го почитува редот во кој законодавецот ја поставил.
Оттука, спорен е ставот на Апелациониот суд дека изградбата на градби и објекти во сопственост на државата не претставува вршење на јавна услуга. Дури и да се водиме од ад хок дефиницијата на Апелација, во најмала рака е дискутабилно како тоа градење на објекти, патишта, мостови, брани, стадиони, градинки и училишта, сите дел од портфолиото на Бетон, не придонесуваат за одржување на добросостојбата на секој граѓанин и не помагаат во развојот на општеството во целина.
Доколку аргументацијата на Апелациониот суд се прифати како правен стандард, би се довеле до апсурдна состојба на легализирање на политичката корупција, па така секоја компанија што ќе добива државни тендери потоа дел од профитот ќе го пренесе во политичките партии прикажувајќи го како донација и сето ова нема да биде казниво бидејќи ќе постои судска пракса која ова го дозволува. Ова сериозно ја нарушува суштината на законот и го прави целосно неупотреблив за најчувствителната точка која што треба да ја адресира, а тоа е финансирање на политички партии од претпријатија кои добиваат буџетски средства.






