(ВО ЖИВО ОД ВАТИКАН) Католиците и протестантите го слават најголемиот христијански празник Велигден
Папата Франциск од Ватикан порача дека луѓето треба да ја отстранат „тежината“ од гревовите и стравовите за да ја почувствуваат моќта на воскресението Христово, и упати отворена покана за сите да ја откријат повторно милоста Божја внатре во нив.

Папата пристигна во базиликата на св. Петар во инвалидска количка, откако претходно, тој три дена беше задржан во болница поради бронхитис. Службата започна во темница, а потоа ентериерот на базиликата беше ненадејно осветлен, рефлектирајќи ги христијанските верувања дека Исус воскреснал откако бил распнат, а на тој начин доброто го победило злото.
На службата присуствуваа 40 кардинали и околу 200 свештеници кои носеа запалени свеќи за да ја означат светлината Христова со која се отстранува темнината.
„Сетете се на тоа моќно внатрешно чувство на Светиот дух. Таа радост која ја имате кога ви се простува по признание. Тој интензивен и незаборавен момент на молитва, тоа светло кое тлее во вас и кое ви го менува вашиот живот. Секој од нас го знае местото на внатрешното воскресение, тој почеток и фундамент, тоа место каде работите се менуваат. Не можеме ова да го оставиме во минатото, воскреснатиот Бог не поканува да се вратиме таму за да го празнуваме Велигден“рече Папата.
Според грегоријанскиот календар, денеска е Велигден, а празникот го слават над 2 милиони католици и протестанти ширум светот. Денеска, околу пладне, Папата од централната ложа го дава традиционалниот благослов „Urbi et Orbi“, а според традицијата, Папата ќе го искористи благословот за актуелните светски настани, како војната во Украина, насилството во Блискиот Исток и смртните случаи на мигрантите кои доаѓаат од Африка во Европа.






