Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ влегува во трка за мнозинство за нова влада
Можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ победи во најголем број градови и населени места – Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Бутел, Кавадарци, Свети Николе, Македонска Каменица, Пехчево, Велес, Градско, Охрид, Прилеп, Илинден, Петровец…, нагласи вечерва генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
– Факт е дека народот ги посакува промените, народот покажа дека не сака влада која е криминална и коруптивна, народот сака обнова. Опозицијата на овие избори покажа дека има повеќе гласови од партиите на власт. ВМРО-ДПМНЕ влегува во трка за составување на мнозинство за нова влада затоа што постојната е истрошена и време е за промени, потенцира Јанушев.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи тој, испраќа благодарност до сите граѓани и покрај, како што рече, притисоците и злоупотребите, кои се одлучија за промени.
– Со тој кредибилитет влегуваме во нова трка за обезбедување на мнозинство за нова влада, додаде Јанушев.
Тој рече дека трката е се уште неизвесна и оти ќе почекаат до утринава за да ги видат конечните резултати.