Борисов: Владата мора да опстане поради борбата против Ковид-19
Бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој е соочен со гласање за недоверба во Парламентот и со антикорупциски протести на улиците, изјави денеска дека неговата Влада мора да опстане за да се бори против новиот коронавирус.
Тој истакна дека ќе го разгледа прашањето за голема ревизија на својот кабинет по гласањето за недоверба следната недела, кое владејачката партија може да го преживее со поддршка на малите популистички партии и независните пратеници.
Борисов нагласи дека протестите и повиците за одржување предвремени избори од страна на опозициските социјалисти и претседателот Румен Радев ги поткопуваат шансите на земјата за соочување со кризата, предизвикана од коронавирусот.
– Пред нас се многу тешки месеци… Кој од оние на плоштадот има поголемо искуство од нас, кој знае повеќе или може повеќе?, праша 61-годишниот премиер по состанокот со коалициските партнери.
Тој додаде дека на претстојното гласање треба да се покаже дека владејачката коалиција има мнозинство во Парламентот, а потоа сите опозициски партии, доколку сакаат, треба да наведат како тие би се избориле со епидемијата и финансиската криза која се заканува.
Борисов денеска изјави дека побарал од своите министри за финансии, за внатрешни работи и за економија да се повлечат, со цел да прекинат шпекулациите дека биле под влијание на контроверзниот медиумски магнат и бизнисмен од друга политичка партија, но нагласи дека засега нема да ги прифати нивните оставки.
Илјадници Бугари протестираат барајќи оставка на Владата и на јавниот обвинител Иван Гашев поради неуспехот да обезбедат владеење на правото и да ги прекинат врските меѓу владини претставници и моќни тајкуни во земјата. Во Софија и другите поголеми градови низ Бугарија планирани се и денеска протести, осми ден по ред.