Бирото за јавни набавки му укажало на Деркоски дека не се исполнети условите за набавка на софтвер без објавување оглас, тој не ги послушал
Бирото за јавни набавки (БЈН) одговорило негативно на барањето на Државната изборна комисија (ДИК) да набави софтвер за веб сајтот со преговори без објавување оглас, но и покрај тоа ДИК ја спровело набавката на тој начин, пренесе СДК.
На 1 јуни 2020 година Државната изборна комисија испратила барање до Бирото за јавни набавки за спроведување постапка за преговарање без објавување оглас за Набавка на нови и надградба на постојни софтверски решенија во ДИК со образложение: „доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат“.
БЈН на 10 јуни одговара дека не се исполнети условите, а ДИК го прима решението на 16 јуни.
„Во однос на вашето барање за спроведување постапка за преговарање без објавување оглас за Набавка на нови и надградба на постојни софтверски решенија во ДИК, со проценета вредност од 4.500.000,00 денари, а земајќи го предвид образложението и доказите во прилог, Бирото за јавни набавки е на мислење дека во конкретниов случај не се исполнети условите за спроведување на постапката за преговарање без објавување оглас“, се вели во одговорот на БЈН до ДИК.
Два дена (18.6) откако го добиле негативното мислење од Бирото за јавни набавки, Државната изборна комисија донела одлука за јавна набавка со спроведување постапка за преговарање без објавување оглас. Утредента (19.6) биле поканети две компании, „Дуна“ и „АјВоут“, кои во рок од еден ден (20.6) ги доставиле понудите. На 22 јуни, ДИК ја избира понудата на „Дуна“ во износ од 899.999,00 денари како најповолна. На 29 јуни е потпишан договорот со „Дуна“. „АјВоут“ поднесува жалба на 22 јуни, која што е одбиена на 8 јули како неоснована. На 9 јули, договорот е доставен до Бирото за јавни набавки. Изборите се одржаа на 15 јули.
…