Црвенковски не се согласува со Ковачевски дека до 2030 ќе станеме членка на ЕУ
Екс-претседателот Бранко Црвенковски на интерактивната дебата на тема „Северна Македонија меѓу Отворен Балкан и Берлински процес: можно ли е побрзо членство во Европската Унија?“ рече дека се сомнева дека ќе има напредок во пристапот на Западен Балкан во Европската Унија.
Тој напомена дека Македонија нема започнато преговори со Унијата, а посочи дека ниту соседните држави кои чекаат полноправно членство, немаат значајни исчекори.
Подготвувајќи се за денешниов настан го прочитав и моето обраќање пред вас од мај минатата година. Што заклучив? Дека за жал можам да го прочитам истиот текст и денес и ништо важно нема да пропуштам. Таму каде што бевме лани се наоѓаме и сега без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за Македонија туку и за другите земји од регионот без разлика дали ќе го нарекуваме југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги започнавме преговорите. Како што стојат работите тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи. БиХ доби кандидатски статус но со 14 строги услови и без можност да ги користи фондовите кои следуваат за земја кандидат. Посебна приказна се Србија и Црна Гора, земји кои преговорите ги почнаа пред цели 9 односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече споро“ – рече Црвенковски.