(ФОТО+ВИДЕО) Уапсени 150 лица поради нередите во Франција
Насилството во Франција продолжи синоќа, особено во регионот на Париз, каде полицаец во вторникот уби 17-годишник кој одбил да го послуша. Досега се уапсени 150 лица.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин го осуди „неподносливото насилство врз симболите на Републиката“ и додаде дека градските сали, училиштата и полициските станици биле запалени или нападнати.

Тој им се заблагодари на полицијата и на пожарникарите и порача дека треба да се срамат сите што не повикале на смирување на ситуацијата.
Во Кламарт, во југозападното предградие на Париз, синоќа бил запален паркиран трамвај. Пожарот подоцна бил изгаснат, но трамвајската линија се уште е затворена.
Ситуацијата во Нантер, на петнаесетина километри од Париз, околу 23 часот повторно стана тензична. Запалени се десетина автомобили, контејнери и бариери поставени на патот. На фасадата на зградата се закачени натписите „Правда за Нахел“ и „Полицијата убива“.
Судирите со полицијата траеле и до еден час во населба каде веќе имало судири меѓу жителите и припадниците на силите на редот, кои на фрлањето камења одговориле со солзавец.
Запален автобус, нападната полиција

Околу дваесетина општини во Сена-Сен Денис, департман североисточно од Париз, пријавија пожари, објави полициски извор, додавајќи дека на местото на настанот секојпат се активни многу мобилни групи од околу сто луѓе. Сега постои загриженост во инаку мирните градови.
Во Есон, јужно од Париз, бил запален автобус од кој патниците излегле околу 21 часот, соопштија полициски извори.
Судири избувнаа и во кварт во Тулуз, а од тоа место се издигна густ црн чад. Група млади запалиле канти за ѓубре и автомобили, а фрлале предмети кон полицајците и пожарникарите. Уапсени се 13 лица, а во текот на ноќта ситуацијата се смирила.
Тензии и во другите региони, полицијата беше гаѓана со пиротехнички средства
Синоќа во Ној-сур-Марн, на 13 километри од Париз, запалени се сите седум полициски автомобили кои се наоѓале во станицата, а пожарот се проширил и на соседната зграда во која се сместени просториите на општинската полиција и градските служби за домување. На пожарникарите им биле потребни час и половина за да го изгаснат пожарот.
Тензии беа забележани и во други региони низ земјата, како што е Лион, каде припадниците на полицијата беа гаѓани со пиротехнички средства.
Во некои места како Сент Етјен, Лил и Рен, инцидентите се случија за време на собири за поддршка на еколошкото движење кое неодамна беше распуштено од владата.
Видеото објавено на социјалните мрежи во текот на ноќта покажува група млади луѓе како палат документи и столови во градското собрание на Монс-ен-Барула, предградие на Лил.






