Шпанската принцеза Леонор (17) започнува тригодишна воена обука
Шпанската принцеза Леонор наскоро ќе започне тригодишна воена обука во Шпанија, откако го напушти престижното приватно училиште во Јужен Велс.
17-годишната шпанска принцеза Леонор дипломирала во мај во приватно училиште кое многумина го нарекуваат „Хогвортс за хипиците“, мислејќи на училиштето за волшебници од популарните книги за Хари Потер. Колеџот „UWC Atlantik“ е познат по својот прогресивен пристап кон образованието и живописната околина на замокот.

Леонор треба да започне како воен регрут следниот месец, следејќи ги стапките на нејзиниот татко, кралот Фелипе, како и нејзиниот дедо Хуан Карлос, кои сите поминаа воена обука во секоја од трите вооружени сили на земјата.
Нејзината обука ќе биде на Генералната воена академија во Сарагоса, пред да оди во поморско училиште, а ќе заврши три години на Генералната академија на воздухопловните сили.
Принцезата Леонор, која во октомври ќе наполни 18 години, не го криеше својот ентузијазам поради тоа што наскоро ќе стане воен кадет, а веста ја сподели со јавноста на церемонијата на доделување на наградите на Фондацијата принцезата де Жирона во Каталонија.
„Само што завршив средно училиште и почнувам нова фаза со период на воена обука. Среќнa сум бидејќи знам колку Шпанците ги ценат нашите вооружени сили… тоа е важен момент во мојот живот и се чувствувам многу возбудена и решена да продолжам да учам и да дадам сè од себе“, рече принцезата Леонор.
Принцезата Леонор е најстарата ќерка на кралот Фелипе и кралицата Летиција, а се очекува да го наследи тронот. Нејзиното целосно име е Леонор де Тодос лос Сантос де Борбон и Ортиз. Има помлада сестра Инфанта Софија (16). Претходно беше најавено дека принцезата Леонор по три години воена обука ќе студира право.






