Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“ поднесе кривични пријави за членовите на ДИК
Kоалицијата „Никогаш северна, само Македонија“, поднесе кривични пријави против претседателот на Државната изборна комисија, Oливер Деркоски и останатите членови на комисијата.
Јове Кекеновски посочи дека наместо официјалното поднесено и прифатено име на коалицијата, на гласачкото ливче стоело името на политичката партија „Единствена Македонија“.
„Со наведувањето на името на само една политичка партија, наместо на целата коалиција, избирачите свесно се доведени во заблуда да не гласаат за оваа коалиција која ја сочинуваат неколку субјекти (партијата Единствена Македонија и здруженијата на граѓани ФРОДЕМ, Тврдокорни и Ветерани на ВМРО 1990) со што е извршена повреда и злоупотреба на избирачкото право на избирачите; повреда на слободата на определувањето на избирачите како и измама на избирачите, сé со цел да не гласат за реален учесник на изборите“,порача Кекеновски.
Тој додаде дека членовите на ДИК сториле тешки кривични дела казниви според одредбите од Кривичниот законик и истовремено свесно сториле сериозна материјална и нематеријална штета на оваа Коалиција, односно ја нарушиле честа и угледот на сите пријавени на поднесените и прифатени листи во сите шест изборни единици .
Кекеновски го повика Обвинителството да спроведе истрага.