ОЕЦД: На Словенија и се потребни пензиски и реформи на трудовото законодавство
Словенија треба да спроведе реформи во пензиското и трудовото законодавство, да ги намали бариерите за конкуренцијата и за странските инвестиции и да го продолжи процесот на приватизација, соопшти денеска Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Претставувајќи го истражувањето на ОЕЦД за Словенија на виртуелна конференција, генералниот секретар на организацијата, Анхел Гурија, кажа дека малата алпска земја, исто така, треба да го зголеми растот на продуктивноста, пренесуваат британските медиуми.
Според него, Словенија добро се справува со пандемијата на коронавирусот, но потребни се економски реформи кога ќе се надмине кризата со Ковид-19.
-Сега од суштинско значење е да останеме на вистинскиот пат, да бидеме подготвени да обезбедиме дополнителна поддршка таму каде што е потребно за да се продолжи со растот, а потоа да се продолжи со мерки за решавање на долгорочниот економски предизвик на стареење на населението, рече Гурија.
ОЕЦД препорача Словенија да ја крене возраста за пензионирање на 67 години и евентуалните идни зголемувања да ги поврзе со очекуваниот животен век. Словенците моментално можат да заминат во пензија на 60-годишна возраст.
ОЕЦД, исто така, соопшти дека Словенија треба да ја подобри ефикасноста на јавниот здравствен систем и да ја зголеми флексибилноста на пазарот на трудот.
Истовремено ОЕЦД препорача да се намалат даноците на трудот и да се зголемат даноците на имот и повика на зајакнување на корпоративното управување во државните компании.
ОЕЦД ја потврди својата јунска прогноза за годинашен пад словенечкиот БДП за 7,8 отсто и раст од 4,5 проценти следната година, под услов да нема голем втор бран на Ковид-19.