РОМАНТИЧНА ПОЕЗИЈА

Оваа власт имаше историска шанса по 11 години злосторничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ да ја донесе таа алтернатива. Со каков ентузијазам беа донесени на власт, со каков силен бран на поддршка од граѓаните, со каква надеж, сега ќе биде добро, ги тргнавме ајдуците… Еве, да не дебатираме кој колку бил учен и способен, тоа е кадарот што е останат по партиите. Ама барем да беа чесни. За жал не најдоа предизвик за добро и чесно владеење.

И сега, премиерот Ковачевски ни вели дека треба да се смени Уставот затоа што младите се селат од државата. Па, нормално е дека ќе се селат. Да не чекаат случајно на вас, прво да ги исполните партиските квоти? И за вработувања и за бизниси. Се селат затоа што наместо да испорачате правда за сите, испорачавте крадење и неказнивост. Се селат затоа што тука нема предвидливост, не можат да си го планираат животот ако не се врзани за партија. Се селат затоа што не сте им обезбедиле добра држава, а не затоа што не сме во ЕУ.

Подобрата иднина ни зависи од добро владеење, а не од тоа дали ќе го смениме Уставот, или не.

Конечно, зошто сите ние би биле одговорни ако не поминат уставните измени и Македонија не ги почне преговорите со ЕУ? Ако треба да ја споделиме одговорноста со власта што ветила нешто што не може да го исполни, тогаш ај да си ги поделиме и парите од провизиите за тендерите и јавните набавки со непосредни спогодби и профитите од фирмите направени додека се на власт. Не може само одговорност да делиме. Ако делиме, сè да делиме.

Стварно, зошто сме ние одговорни? Дека не сме Бугари? Дека сме се разочарале од ЕУ која речиси осумдесет години по победата над фашизмот, среде цивилизираната Европа во 21 век ја прифати целосно нецивилизираната дискусија што биле Македонците пред да бидат Македонци, па уште ја стави и во преговарачка рамка? Или треба да сме одговорни затоа што немаме доверба во нашите политички елити, и во власта и во опозицијата, што 30 години не успеаја да ја донесат ЕУ дома, барем во однесувањето, ако не во стандардот.

Нивна е одговорноста. Нашата одговорност заврши во моментот кога сме ги бирале на избори.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК. МК

Back to top button
Close