ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД
Криминалот на Клиниката за онкологија и потресните судбини на илјадници болни од рак и нивните семејства нè постетија дека уште од 2013 година свечено беа удрени темелите на бункери за уште три акцелератори за радиотерапија. И по десет години, апаратите уште не работат.
А ние збориме за патот до Охрид. Овие нашиве партии, здружени во криминалот, апарати за болни од рак 10 години не успеаја да стават во функција, а ние од нив пат очекуваме да ни направат. Ај патот, туку ни ѓубрето од превојот Стража на овој, патот од времето на Југославија не се способни да го исчистат, оти не знаат која партија и која државна институција и која Општина и кое општинско претпријатие и кој директор од која партија треба да го исчисти. Оти и да не го исчисти, како што не е исчистено со децении, нема да одговора затоа што одговара само пред судот на партијата. А ни партијата не го суди.
Ај ѓубрето. Ај патот. Туку ни учебници нема. Министерството за образование вели дека печатењето учебници е многу сложен процес. И навистина. Мора да е многу е сложено да наместиш тендер со некој што ќе биде способен ем да обезбеди учебници, ем парите праведно да се украдат и поделат. Обично овие две работи не можат многу лесно да се усогласат.
Болните без лекови, учениците без учебници, политичарите без образ, граѓаните без интегритет, државата без правда, природата без општество…
Среќен ти празник, Македонијо. Многу те сакам. Ама, ти ме заморуваш веќе.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






