Сите наши „идеолози“ и „политичари“

Денко Малески

На прашањето на домаќинот на поткастот зошто ЕУ води агресивна и провокативна политика кон Русија, лансирајќи дронови длабоко во територијата на Русија, што може да заврши со вистинска војна меѓу Русија и Европа, соговорникот, истакнат познавач на меѓународната политика, само констатира дека тоа е затоа што европејците не се „политичари“ туку „идеолози“. Не објасни повеќе, но јасно е за што зборува.

Европските политичари, растени во „америкаснката ера“, се идеолози на либералната демократија, и како такви, на украинската криза и приоѓаат од принципи и вредности. Имено, бидејќи неповредивоста на границите во Европа е запишана во сите правни акти, а народите имаат право да одлучат на кој сојуз сакат да му припаднат, руската агресија не може да се оправда со ништо. Руската политика е „чистото зло“ а Западната е „чистото добро“. Така гледано, низ призмата на вредностите и принципите, руската агресија не може да се оправда дури ни со реалноста дека, поаѓајќи од сопствената безбедност, големата нуклеарна сила не дозволува ширење на НАТО во Украина и реагира на идентичен начин како што реагираше Америка кога Русија инсталира свои ракети на Куба во 1962 година. И додека, тогаш,на врвот од идеолошката војна меѓу комунизмот и капитализмот, Кенеди и Хрушчов ги оставија своите идеологии на страна и станаа политичари во потрага по решение со кое ќе се избегне нуклеарна војна, европските политичари денес се заглавени во својата идеологија.

Судирот помеѓу „политичарот“ и „идеологот“ е вечен сопатник на политиката, уште од стари времиња. За идеологот се почнува од принципите: морални, правни, идеолошки или филозофски. Според идеологот, главната опасност е во тоа компромисите да не ги корумпираат овие вечни принципи. Силата на идеолозите е во нивната јасност и убедување, но нивната слабост е во нивната нефлексибилност. Карактеристично за идеолозите е дека кога стварноста ги отфрла нивните идеи, тие стануваат уште поупорни во инсистирањето на принципите и на врдностите, одбивајќи да се прилагодат на реалноста. За политичарот, пак, најважни се околностите. Тој гледа на политиката како на уметност на возможното преку балансирање на интересите, соочување со проблемите, и нивно постепено надминување, за да ја оствари крајната цел – безбедност и благосостојба на својата држава. Силата на политичарот е во неговата флексибилност, а неговата слабост е во веројатноста да биде обележан како непринципиелен човек кој заталкал во погрешна насока и ги загрозил принципите и вредностите, па и сопствената нација и држава.

Но ова е теорија, додека во стварноста една личност може да ги поседува двате карактеристики. Така, историската меморија зборува за примерот на Мандела кој бил непоколеблив борец против апартхејдот но правел прагматични чекори и компромиси за да избегне граѓанска војна во Јужна Африка. Или примерот на Алексис Ципрас на чело на партијата на радикалната левица Сириза и неговото одбивање, како премиер, да го прифати планот за штедење на ЕУ, во почетната фаза, за подоцна да го смени мислењето. Имено, Ципрас спроведува референдум на кој е поддржан од граѓаните на Грција за отфрлање на европскиот план за спас, за подоцна да го прифати планот од Брисел вреден 86 милијарди евра,и неговата влада да формулира реформи со кои го спроведува овој план на ЕУ. Пример дека идеологот и политичарот можат да бидат во една личност. Подоцна, спротиставувајќи се на најмочната идеологија во земјата, национализмот, Ципрас го потпишува Преспанскиот договор.

Кај нас, премиерот на првата експертска влада Никола Кљусев и неговиот заменик Блаже Ристовски ја предводеа групата национални „идеолози“немајќи разбирање за компромиси во тешкиот период раѓањето на новата независна балканска република.За среќа, надворешната политика не беше во нивна надлежност туку во рацете на претседателот Киро Глигоров, „политичар“ кој ги решаваше внатрешните и надворешните проблеми на државата во настанување со преговори и компромиси.Но, кога забележа дека ќе ја загуби поддршката на партиите и на народот, во 1993, пред самиот влез во ОН,тој ја напушти потрагата по компромисно решение на спорот околу името со Грција, поддржана од своите сојузници, и од „политичар“ станува „идеолог“. Младиот 24 годишен водач на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, пак, по истото прашање еволуираше обратно – од „идеолог“ се трансформира во „политичар“. Се сеќавам на собраниската седница на која го изложив планот за компромис со Грција со главниот град во зграда и на неговите зборови дека „министерот за надворешни работи мртов ладен“ ни предлага да си го смениме името. Подоцна, како премиер, Георгиевски ја направи потрагата по компромисно име со Грција дел од своите политички активности. И премиерот од редовите на СДСМ Зоран Заев се трансформира од „идеолог“ кој, во името на своите потомци, го брани името, во „политичар“ кој ќе го потпише Преспанскиот договор.

Денес соочени со нов предизвик со Бугарија и ЕУ, истата поделба на „идеолози“ и „политичари“ е на дело. На чело на државата имаме двајца „идеолози“ кои инсистираат на принципи и вредности во обид да ја заобиколат стварноста која налага компромис како пат до членство во ЕУ. Премиерот Христијан Мицковски е национален „идеолог“, додека претседателката Гордана Силјановска Давкова е правниот „идеолог“. Со изјавата дека „официјална Софија не ја негира македонската нација“ и дека „Бугарија ни е пријател“, водачот на опозицијата од СДСМ Венко Филипче настојува да се афирмира како „политичар“.

Back to top button
Close