Ѓоковиќ е светски рекет број еден – ја освои својата 24. грен-слем титула, четврта на Ју-ес опен

Српскиот ас во својата кариера досега има освоено 10 титули на Австралија опен, седум на Вимблдон, четири на Ју-ес опен и три на Ролан Гарос. По трет пат во кариерата, Ѓоковиќ успеа да игра во финале на сите четири големи тениски турнири во една календарска година. Првпат тоа го направи во 2015 година, а го повтори во 2021 и 2023 година

По четврти пат, Новак Ѓоковиќ е шампион на тенискиот турнир Ју-ес опен. Во јубилејното 10. финале на Ју-ес опен во Њујорк, српскиот тенисер ја освои 24. грен-слем титула со убедливата победа од 3:0 над Данило Медведев.

По синоќешната победа, 36-годишниот Ѓоковиќ се враќа на челната позиција на АТП листата и од денеска повторно е светски рекет број еден.

Српскиот ас во својата кариера досега има освоено 10 титули на Австралија опен, седум на Вимблдон, четири на Ју-ес опен и три на Ролан Гарос. По третпат во кариерата, Ѓоковиќ успеа да игра во финалето на сите четири големи тениски турнири во една календарска година. Првпат тоа го направи во 2015 година, а го повтори во 2021 и 2023 г.

На прашањето дали сега важи за еден од најдобрите спортисти на сите времиња, Новак одговори:

„Оставам на вам и на другите да го одговорите тоа прашање. Но, факт е дека да не бев од Србија пред многу години ќе бев издигнат на небото на спортски план, особено во западниот свет. Но, добро, тоа е дел од мојот животен пат, благодарен сум што доаѓам од Србија, ми дава верба и надеж и затоа сè што постигнувам е уште послатко и уште повеќе ме исполнува“рече Ѓоковиќ по победата во финалето на Ју-ес опен.

На доделувањето на трофејот, српскиот тенисер облече дрес со бројот 24 на кој пишуваше „Мамба засекогаш“. На дресот беше испечатена заедничка слика од него и од легендарниот НБА играч, Коби Брајант, кој му беше пријател

„Коби ми беше близок пријател. Многу разговаравме за менталитетот на победникот кога се борев со повреда, обидувајќи се да се вратам. Тој беше еден од луѓето на кои најмногу се потпирам.. секогаш беше тука за совет. Она што се случи со него и неговата ќерка длабоко ме повреди. 24 е дресот што го носеше кога стана легенда на кошарката. Му благодарам на човекот кој го дизајнираше дресот, тоа е почит за Коби, тој сè уште живее во моите мисли и мислите на другите“порача Ѓоковиќ.

Back to top button
Close