Бензините поскапуваат – ова се новите цени
Од ноќеска на полноќ, бензините ќе поскапат за еден денар, а дизелот и екстра лесното масло за домаќинство за 2,5 денари за литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Се зголемува и малопродажната цена на мазутот за 1,146 денари за килограм.
Според РКЕ, ЕУРОСУПЕР БС 95 ќе чини 88 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе изнесува 90,50 денари, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 83,50 денари, маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 83 денари, додека мазутот ќе биде 47,304 денари за килограм.
Со оваа Одлука на РКЕ се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,19 отсто во однос на одлуката од 4.9.2023 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,308 отсто, кај дизелот за 3,641, кај екстра лесното масло за 3,940 и кај мазутот зголемувањето е за 2,280 проценти. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,705 отсто, наведува РКЕ.