Ким го поканил Путин да ја посети Северна Кореја, откако двете земји ја подигнаа соработката на „ново ниво“

Севернокорејскиот лидер му рекол на Путин дека нивната внимателно следена средба ги подигнала билатералните врски на ново ниво и ја изразил својата подготвеност да негува стабилни односи ориентирани кон иднината во следните 100 години, објави новинската агенција КЦНА, пренесува Гардијан

Ким Џонг-ун го поканил рускиот претседател Владимир Путин да ја посети Северна Кореја за време на нивната средба во Русија вчера, објавија државните медиуми во Пјонгјанг, пренесува Гардијан.

Севернокорејскиот лидер му рекол на Путин дека нивната внимателно следена средба ги подигнала билатералните врски на ново ниво и ја изразил својата подготвеност да негува стабилни односи ориентирани кон иднината во следните 100 години, објави новинската агенција КЦНА.

Во извештајот на агенцијата се наведува дека Ким бил информиран за техничките детали за руските вселенски летала за време на неговата посета на космодромот „Восточни“, но не се споменува било каква набавка на оружје, трговија со оружје или техничка помош за програмите за оружје меѓу двете земји.

 

Путин го пречека севернокорејскиот лидер кој изрази поддршка за руската инвазија во Украина

Американските и јужнокорејските власти изразија загриженост дека Ким би можел да ѝ обезбеди оружје и муниција на Русија, која потроши огромни резерви во повеќе од 18 месеци војна во Украина. Москва и Пјонгјанг ги негираа таквите намери.

Вчера, како што пишува Гардијан, Путин даде бројни навестувања дека на средбата се разговарало за воена соработка, но откри малку детали. Инаку, на разговорите меѓу делегациите на двете земји присуствуваше и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, но Кремљ не откри детали, наведувајќи дека чувствителните дискусии меѓу Москва и Пјонгјанг се нивна работа.

За време на состанокот кај космодромот „Восточни“ во оддалечениот регион Амур, Ким му ја понуди на Путин својата поддршка за руската „света борба“ против Западот, додека Путин, наводно, понудил руска помош проблематичната вселенска програма на Северна Кореја.

Тет-а-тет разговорите на двајцата лидери, како и дискусиите со делегациите, траеја околу два часа и беа проследени со официјална вечера во чест на Ким. Двајцата разговараа и за можноста за испраќање севернокорејски космонаут во вселената, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Изборот на местото за состанокот беше значаен, со оглед на интересот на Северна Кореја за спроведување на вселенска програма. Пред нивните разговори, лидерите ги обиколија капацитетите за склопување и лансирање на космодромот, лоциран во шумите во источна Русија, недалеку од кинеската граница.

Вчера, Соединетите Американски Држави изразија загриженост поради потенцијално новата воена соработка меѓу Русија и Северна Кореја.

„Соработката објавена за време на посетата на Ким е прилично вознемирувачка и потенцијално би била во спротивност со повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН“рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Тој ја истакна загриженоста на САД дека севернокорејските сателити, за кои претседателот Путин вети соработка, се користени за развој на балистички ракети на Пјонгјанг.

Милер порача дека САД нема да се двоумат да воведат санкции доколку е потребно.

Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, во интервју емитувано вчера рече дека потпирањето на Русија на Северна Кореја и Иран ја покажува нејзината лоша ситуација додека ја води својата војна во Украина.

Средбата меѓу севернокорејскиот лидер и претседателот на Русија ја коментираше и кинеското Министерство за надворешно работи.

На прашањето што значи средбата за односите Пекинг-Пјонгјанг, портпаролот на кинеското Министерство рече дека посетата на Ким на Русија е работа само на овие две земји.

Back to top button
Close