Пекинг ги отфрли критиките на Париз за положбата на ујгурското малцинство во Кина

 Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, пред Националното собрание го осуди како „неприфатливо“ интернирањето на припадниците на ујгурското муслиманско малцинство во Кина, на што веднаш возврати официјален Пекинг, јави дописникот на МИА.

-Ние сме цврсто против употребата на религиозните прашања за политички цели и мешањето во внатрешните работи на Кина, изјави портпаролот на кинеската дипломатија, Ванг Венбин, пред новинарите кога го прашаа за коментарите од Париз.

Пред Националното собрание, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, во вторникот оцени дека е „неприфатливо“ интернирањето на членовите на ујгурското малцинство.  Министерот притоа зборуваше за „кампови за интернирање за Ујгурите, масовни исчезнувања, принудна работа, присилна стерилизација, уништување на културното наследство на Ујгурите и особено местата за богослужба, надгледување на населението и повеќе во целина, целиот воспоставен репресивен систем во овој регион “. Ле Дријан исто така побара „пристап за независни меѓународни набљудувачи во Ксинџијанг“.

Портпаролот на МНР во Пекинг увери дека политиката на неговата земја во регионот не се однесува на човековите права и слободата на вероисповед, туку на борбата против „тероризмот и сепаратизмот“.

Тој ги осуди „лагите“ според кои центрите за стручно оспособување во Ксинџијанг се „концентрациони логори во кои се затворени над еден милион Ујгури“.

Политиката на Пекинг во Ксинџијанг, додаде тој, не е насочена кон специфична етничка група или религија.

Покрај  Ле Дријан, неговиот колега, министерот за економија, Бруно Ле Мер, исто така зборуваше за Ксинџијанг како „револтирачка и неприфатлива практика, и која Париз остро ја осудува“.

Ујгурите се главната етничка група во Ксинџијанг, огромен регион што ги дели заедничките граници со Авганистан и Пакистан. Регионот е редовно погоден од смртоносни напади, што Пекинг им ги припишува на сепаратистите или ујгурските исламисти, а регионот е ставен под силен полициски надзор.

Back to top button
Close