Невообичаена мерка против загадувањето: Затвораат илјадници паркинг места за да ги обесхрабрат возачите
Германскиот град Хановер ги претстави далекусежните планови за „протерување“ на автомобилите од центарот на градот, a планот е да ги претвори во место за „забава и прошетка“.
Во една од најамбициозните транспортни реформи досега предложени во Европа, северниот германски град ќе отстрани речиси 4.000 места за паркирање на улица, бидејќи се обидува да ги обесхрабри луѓето да возат во центарот на градот.
Оние кои ќе го направат тоа ќе мора да го почитуваат ограничувањето на брзината од 20 km/h на еднонасочните улици кои ги упатуваат на едно од 11-те паркиралишта.
„Времето за експерименти заврши. Сега продолжуваме со работата за трансформирање на нашиот град. Со овие мерки, го правиме нашиот град поодржлив и попријателски за климата“, рече градоначалникот на Зелената партија, Белит Онај.
Хановер планира да го искористи ослободениот простор на своите улици за да ги прошири своите кафулиња и тераси и да засади повеќе дрвја, проект за кој вели дека ќе му вдахне нов живот.
Автобусите, такси-возилата и граѓаните кои поседуваат сопствени паркинг-места и понатаму ќе можат да пристапат до улиците во центарот, додека некои ќе бидат претворени во велосипедски патеки.
Градот со половина милион жители веќе беше мета на планери со радикална визија за иднината.
Откако речиси 90 отсто од историскиот центар беше срамнет со земја од бомбардирањето на сојузниците за време на Втората светска војна, Хановер ги замени своите тесни средновековни улици со широки булевари погодни за автомобили.
Во својот обид да го преобликува градот за она што се сметаше за иднината на мобилноста, канцеларијата за планирање на градот контроверзно ги урна дворците од 19 век.
Последниот потег доаѓа откако германските Зелени ја губат популарноста на локално ниво, делумно поради плановите да ги избркаат автомобилите од центрите на градовите.