ВИДЕО: Маскирани вооружени лица со блиндирано возило влегле во манастир во селото Бањска и почнале да пукаат
Рашко-призренската епархија преку соопштение изјави дека група вооружени и маскирани лица со блиндирано возило влегле во манастирот во селото Бањска, каде што утринава беше убиен припадник на косовската полиција, пренесуваат РТС и Н1
Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција кажа дека нападите врз косовската полиција продолжуваат од страна на најмалку 30 тешко вооружени луѓе, војска и полиција кои се опколени од косовската полиција
Непознатите лица го скршиле катанецот од заклучената капија, а во самата внатрешност на манастирот се наоѓаат верници од Нови Сад, како и свештеникот, игуменот Данило и браќата во манастирот, се вели во соопштението на Рашко-призренската епархија.
„Поради безбедност, браќата од манастирот и верниците се заклучија во конаците, а заклучен е и храмот на манастирот. Вооружените лица се движат во дворот на манастирот и повремено се слуша пукање“,се вели во соопштението.
Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција соопшти дека терористичките напади на организирани банди на северот на Косово продолжуваат и во прилог покажа неколку фотографии од вооружените групи. Дополнително, кажа дека нема сомнеж дека главен виновник e Србија која ги поддржува нападите
„Законот ќе се спроведи бидејќи мора да се одбрани и да се зачува независноста на Косово. Напаѓачите ќе бидат фатени, ќе им биде судено и ќе бидат казнети“,рече Курти.
Фотографија од напаѓачите за кои се верува дека го убиле косовскиот полицаец утринава
Припадници на КФОР и ЕУЛЕКС излегоа на терен откако рано изутрината еден припадник на полицијата на Косово беше убиен, а други двајца се здобија со повреди, но се надвор од животна опасност. Поради сериозноста на ситуацијата, блокирани се сите приоди кон селото Бањска и привремено се затворени граничните премини што водат кон соседна Србија.
Косовската полиција претходно објави првични информации за синоќешното убиство на наредник од косовската полиција на северот на земјата. Според кажаното, полициската патрола, во која биле три полицајци од Звечан, дошла до селото Бањско бидејќи добила пријава дека таму се поставени два камиона кои го блокираат мостот на влезот од селото. Во моментот кога полициското возило пристигнало на влезот на селото, кон полицајците бил отворен оган. Локалните мештани кажуваат дека константно се слушале пукања и детонации, а ситуацијата се смирила утринава во 7 часот.
Осуда за настанот пристигна од американскиот амбасадор на Косово, Џеф Ховениер, кој кажа дека овие сторители на оркестрирани и насилни напади врз косовската полиција мора да бидат изнесени пред лицето на правдата.
„Косовската полиција има целосна и легитимна одговорност за спроведување на владеењето на правото на Косово. Сторителите мораат да бидат и ќе бидат повикани на одговорност и изведени пред лицето на правдата“напиша Ховениер.
Косовскиот премиер Албин Курти претходно извести дека косовската полиција била цел на напад од засега непознати маскирани лица. Во нападот во близина на Лепосавиќ бил убиен полициски наредник, а ранет е уште еден граничен полицаец. Според Курти, истрелите од огнено оружје продолжиле и во раните утрински часови.
„Денеска околу три часот по полноќ во селото Бањско во Лепосавиќ е нападната косовската полиција, при што еден косовски полицаец е убиен, а друг е повреден. Убиениот е полицаец со чин наредник, додека повредениот е припадник на граничната полиција. Во овој момент продолжува пукањето од огнено оружје од различен калибар кон нашата полиција. Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје“вели Курти.
Тој ја обвини Србија дека е директно одговорна за овој терористички напад со кој според него е направен директен напад против косовската држава.
„Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград ја напаѓа нашата држава. Во оваа битка го штитиме и го спроведуваме законот, ги штитиме и ги чуваме сите граѓани. Извршителите и нивните наредбодавачи нема да успеат, ќе бидат фатени, судени и казнети. Владата на Република Косово и државните институции се подготвени и координирани да одговорат на криминалот и криминалците, теророт и терористите“пишува Курти.
Повредениот полицаец е надвор од животна опасност и се очекува целосно да закрепне.
Како резултат на нападот на косовските полицајци, претседателката Вјоса Османи, која се наоѓа во посета на САД, ја прекина посетата и најави дека веднаш ќе се врати назад во земјата. За нападот кажа дека е испланиран, оркестриран и изведен од српските криминални банди и дека со вакви инциденти се покажува дестабилизирачката моќ на криминалните банди кои се организирани од Србија.
„Нападите врз силите на редот на Република Косово се напади против суверенитетот на Република Косово. Очекувам сојузниците да ја осудат отворената агресија на Србија кон Косово и да го поддржат Косово во нашите напори за воспоставување на ред и да го зачуваме суверенитетот на секој дел од Републиката“ изјави Османи.
Косовски полицаец е убиен утринава на северот од земјата, премиерот Курти ја обвини Србија за нападот
Медиумите јавуваат дека во Косово дошол специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. Претходно шефот на ЕУЛЕКС, Џовани Пјетро Барбано, пристигнал во полициската станица во Северна Митровица.