ЕУ ќе ги укине санкциите за руските бизнисмени Усманов и Фридман

Шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ денеска се согласија да ги укинат санкциите воведени поради руската војна во Украина кон бизнисмените Алишер Усманов и Михаил Фридман, под услов ниту една влада на ЕУ да не се спротивстави на одлуката во рок од неколку часа, изјавија дипломати.
Ваквиот договор во рамките на ЕУ е дел од поширокиот договор за продолжување на санкциите врз илјадници други руски поединци и субјекти во следните три години, значително подолго од вообичаеното продолжување од шест или 12 месеци, изјавија дипломати.
На изненадување и разочарување на некои земји од ЕУ, Франција овој месец ѝ се придружи на Словачка во притисокот за отстранување на руско-узбекистанскиот милијардер Усманов од листата на санкции.
Дипломати изјави дека и Луксембург потоа побара од листата да се отстрани рускиот бизнисмен Фридман
Франција ја повика ЕУ да ги укине санкциите против Усманов откако изјави дека е под притисок од Азербејџан, кој минатата недела притвори најмалку двајца француски државјани, изјавија тројца европски дипломати. Висок азербејџански дипломат во петокот ги отфрли тврдењата.
Франција јавно не потврди дека извршила притисок врз ЕУ да ги укине санкциите против Усманов, кои вклучуваат забрана за патување и замрзнување на неговите средства во ЕУ.
ЕУ воведе санкции врз двајцата бизнисмени во 2022 година. Кога го додаде Усманов на листата со санкции, ЕУ рече дека тој имал „особено блиски врски“ со рускиот претседател Владимир Путин.
Фридман, пак, во арбитражна постапка бара од Луксембург 16 милијарди долари отштета. Според дипломатите на ЕУ, Луксембург истакнал дека неговата позиција во одбрана на одржувањето на европските санкции против Фридман би можела да биде ослабена само ако Усманов биде отстранет од листата со санкции.






