Плурализам во карантински услови

Ви пренесуваме дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:

Сакаат да ја демократизираат партијата, ама ако во јавна дебата се спомне одговорноста на лидерот – веднаш летаат стрели во одбрана на неговата позиција. Тоа е прв лакмус за искреноста во намерата за демократизација. Ако нема подготвеност за дебата, како ќе има за поголеми нешта?

Дебатата и не значи дека јавноста ќе избира, разреши или ќе остави на функција нечиј лидер. За тоа секако ќе се решава во партијата. Но, низ дебата се исцртуваат нужните коти под кои не смее да падне нечиј лидерски интегритет, резултат, ветување. И тоа важи за сите политичари.

Изразениот отпор кон јавните ставови, кои не одат во прилог на цврстата фотелја на лидерот, сугерира дека не постои ни слобода, ни слух да се дебатира за тоа прашање. Притоа, не само што не се разговара за посочените аргументи, туку само се оцрнува и дискредитира адресата од каде што доаѓа ставот и завршува во стилот „ти ли најде да кажуваш!“

Ако се тргне по ваков пат, никогаш нема да има доволно подобна личност што ќе се здобие со правото да каже што било за изборните резултати и лидерски одговорности. Колку за потсетување, од истата партија, која дебатата ја смета за внатрешна работа, со години пресудуваа кога и зошто мора да си оди лидерот од опонентската партија.

Тогаш сметаа дека тоа е тема од јавен интерес, за збогување со транзициските политичари. Денес, пак, добиваат забелешки дека токму „транзициски политичар“ им ја предводел кандидатската листа, а критичарите го користат веќе промовираното мерило со кое се лепеше ваквиот статус. Потребата од „дебатирај, не етикетирај“, е една од намерно ненаучените лекции.

Сепак, во нашите македонцки работи има одраз и на нешто научено од ризницата на познатите изреки, како на пример „Не е ли политиката, всушност, само вештина да се излаже во вистинскиот момент“ (Волтер) или „Демократските установи се карантин за чезнеење кон тиранија“ (Ниче).

Целата колумна на Призма на следниот линк.

Back to top button
Close