Нов топлотен бран ѝ се заканува на западна Европа, повеќе од 4.000 жртви од екстремните жештини

Шпанија и Франција се подготвуваат за нов бран екстремни жештини кој во наредните денови би можел да донесе температури до 44 степени Целзиусови, додека прелиминарните податоци покажуваат дека во текот на јуни во овие две земји како последица на високите температури починале повеќе од 2.000 луѓе.

 

Истовремено, здравствените власти во Германија проценуваат дека од почетокот на годината до крајот на јуни жештините придонеле за смртта на повеќе од 800 луѓе, додека во Холандија минатонеделниот топлотен бран однесе околу 480 животи повеќе од вообичаеното.

 

Шпанската државна метеоролошка служба „Аемет“ соопшти дека од сабота во поголемиот дел од земјата ќе пристигнува сув и многу топол воздух, проследен со долготрајно високи температури, додека во одредени делови на југоистокот од земјата во вторник живата во термометарот би можела да достигне меѓу 42 и 44 степени Целзиусови, пренесува „Гардијан“.

 

Портпаролот на „Аемет“, Рубен дел Кампо, изјави дека температурите ќе почнат да растат во текот на викендот и дека не е исклучена можноста за нов топлотен бран. Според податоците на „Аемет“, овогодишниот јуни бил вториот најтопол откако се вршат мерењата, веднаш зад јуни 2025 година, со просечна температура за 3,2 степени повисока од повеќегодишниот просек. Научниците истакнуваат дека топлотниот бран, кој беше најинтензивен и најраспространет во западна Европа, е можен исклучиво поради климатските промени предизвикани од согорувањето на фосилните горива.

 

Прелиминарните податоци од Шпанија и Франција покажуваат дека во секоја од тие две земји од последици на екстремните жештини починале околу 1.000 луѓе. Според податоците на шпанскиот систем за секојдневно следење на смртноста „МоМо“, во јуни се забележани 1.029 смртни случаи повеќе од вообичаеното, кои се поврзуваат со високите температури.

 

Француската агенција за јавно здравје соопшти дека десетдневниот топлотен бран на крајот на јуни предизвикал околу 1.000 дополнителни смртни случаи во периодот од 24 до 28 јуни во споредба со претходните месеци, додека конечниот биланс сè уште не е објавен. Француската служба за итна медицинска помош „SOS-Médecins“ соопшти дека во текот на последните две недели од јуни е забележан раст на смртноста од 85 отсто меѓу лицата постари од 75 години. Бројот на интервенции кај лица постари од 75 години, главно поради високите температури и анксиозност, е зголемен за 14 отсто, додека бројот на хоспитализации во таа старосна група пораснал за 19 проценти.

 

Француската министерка за спорт и млади, Марина Ферари, изјави дека од 19 јуни во земјата се забележани повеќе од 90 смртни случаи како последица на давење.

 

Екстремните жештини доведоа и до сушење на вегетацијата на југот на Франција, каде што пожарникарите се борат со повеќе шумски пожари кои дополнително се распламтуваат од силните ветрови. Поради традиционално благите лета, мал број домови и училишта во Франција се опремени со клима-уреди, поради што земјата е особено ранлива на сè почестите топлотни бранови кои научниците ги поврзуваат со климатските промени предизвикани од човечкиот фактор, појаснува британскиот весник.

 

Германскиот Институт „Роберт Кох“ проценува дека од почетокот на годината до 25 јуни високите температури придонеле за смртта на 810 луѓе во таа земја. Објавените податоци не го опфаќаат минатонеделниот бран екстремни жештини, па се очекува бројот на починати да биде зголемен во наредниот извештај. Институтот, како што пренесува „Дојче Веле“, наведува дека само мал број од смртните случаи се директно предизвикани од топлотен удар, додека повеќето се однесуваат на лица кај кои изложеноста на високи температури ги влошила постојните заболувања.

 

Според првичната проценка на холандскиот Национален институт за јавно здравје и животна средина (RIVM), за време на минатонеделниот топлотен бран во Холандија се забележани околу 480 смртни случаи повеќе од очекуваното, јави холандскиот јавен сервис „НОС“. Наместо проектираните околу 3.050 смртни случаи, регистрирани се приближно 3.530 починати. Најмногу настрадале лица постари од 80 години, додека најголема смртност е забележана во источните и јужните делови на земјата, каде што температурите беа највисоки. RIVM предупредува дека податоците сè уште не се конечни, бидејќи одредени смртни случаи се евидентираат дури по неколку седмици

Back to top button
Close