Лотарија плаќа милионска кирија на фирма на син на пратеник од ДУИ, финансиската полиција води предистрага и прибира документација

Актуелен сопственик на фирмата од која Државна лотарија изнајмила деловни простории во објект во Визбегово за 2,6 милиони евра е Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актулениот пратеник во Собранието од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски

Објектот во Визбегово кој Државна лотарија го изнајмила од фирмата „Хеј ДООЕЛ“ за 2,6 милиони евра/ Фото: Телма
Објектот во Визбегово кој Државна лотарија го изнајмила од фирмата „Хеј ДООЕЛ“ за 2,6 милиони евра/ Фото: Телма

Финансиската полиција отвори предистрага и според сознанија на ТВ Телма одзела документација од Државна лотарија за да истражи дали има нерегуларности со закуп на деловни простории во објект во близина на Визбегово.

Станува збор за простории во зграда која порано се користела за организирање на свадбени веселби, а кои сега Државна лотарија ги изнајмила од фирмата „Хеј Дооел“ за голема сума на пари.

Инаку, фирмата од која Лотарија го закупила објектот поврзува повеќе функционери и блиски роднини на политичари од владејачката ДУИ.

 

Според истражувачките написи на „Радио Слободна Европа“ и на „Фокус“, фирмата „Хеј Дооел“ го купила земјиштето и објектот, по што со Лотарија склучиле договор за закуп тежок 2,6 милиони евра.

 

Актуелен сопственик на фирмата, како што објави телевизијата повикувајќи се на истражувањата, е Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуленен пратеник во Собранието од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски.

 

Асмир Јахоски станал сопственик на фирмата на 17 октомври. Ја презел од претходниот сопственик Армин Машовиќ, а зделката, односно промената на сопственоста во Централниот регистер е извршена десетина дена подоцна, поточно на 26 октомври. Мешовиќ, сепак останува управител на фирмата, иако повеќе не е нејзин сопственик.

Инаку, милионскиот договор за закуп меѓу Лотарија и „Хеј Дооел“ е склучен додека Машовиќ бил сопственик на фирмата, која ја формирал на 2 февруари оваа година.

Машовиќ е поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски во „Пацифик Петролеум“. Сулкоски пак до неодамна (23 август 2023 година) беше и деловно поврзан со Куштрим Смајлај, зетот за ќерка на лидерот на ДУИ Али Ахмети, во фирмата „К.С.А. Интернешнл“.

Старата адреса на „Хеј“, како што објави Телма, до јули оваа година е во зграда во скопски Карпош непосредно до трговскиот центар „Лептокарија“. На адреса на истиот објект изграден од „Пуцко Петрол“ регистрирана е и фирмата на зетот на Али Ахмети.

Директор на Државна лотарија, пак е Перпарим Бајрами кој според опозицијата е близок соработник и поранешен шеф на кабинет на првиот вицепремиер Артан Груби.

За Груби ваквите наводи се лажна вест. Тој тврди дека Бајрами никогаш не бил вработен во неговиот кабинет, ниту како асистент, а најмалку како шеф.

Извори од Финансиската полиција, како што објави Телма, не ги коментираат наводите дека син на пратеник на ДУИ станал сопственик на фирма чиј објект е изнајмен на Државна лотарија со која управува директор поставен од ДУИ.

Back to top button
Close