Предизвиците на компаративната книжевност
Се чини добро расправата за оваа студија – зборник од трудови од Конференцијата одржана по повод 40 години од постоењето на Катедрата за општа и компаративна книжевност насловена Предизвиците на компаративната книжевност која е со наслов кој реферира на истоимената книга на Клаудио Гилјен (The Challenge of Comparative Literature, 1993) треба да започне со укажување дека ова е студија во која се вкрстуваат мислењата на различни генерации на колеги почнувајќи од најстарите генерации до оние кои денес ги пишуваат своите магистерски и докторски трудови.

Книгата како целина ги опфаќа имињата на авторите и нивните текстови, меѓутоа таа имплицира имиња на оние кои завршувајќи студии на оваа катедра ги реализираат своите кариери и остваруваат голем придонес во сферата на книжевноста, издаваштвото, наставата, новинарството, критиката, библиотечната дејност, ликовните уметности, филмот, фотографијата, театарот, односно во сферата на културата во оваа земја, во Македонија, меѓутоа и во културите на други земји.
Започнувајќи со читањето како процес поврзан со оваа студија, со овој зборник на трудови или која било друга студија или уметнички текст, ние неминовно настојуваме да ја протолкуваме смислата како причина која го оправдува секое читање, а која е поврзана со еден паралелен и соодветен процес на читањето, а тоа е компарацијата. Студијата Предизвиците на компаративната книжевност е посветена на осмислување на компарацијата, таа како студија од расправи го тематизира компарирањето на еден со друг текст низ призмата на една со друга традиција и друга култура, онака како што читањето на еден текст е во исто време компарација со друг текст, друга традиција и друга култура. Студијата како целина ја споредуваме со сите други студии посветени на компаративните истражувања. Во согласност со можноста да расправаме за овој зборник од трудови, ние го тематизираме течењето на процесот на читање, имено ние како читатели се потпираме на нашите академски предиспозиции и истории, на сферата на компаративните истражувања како наша професионална преокупација, но и врз нашите културни и политички убедувања. Го читаме текстот, меѓутоа читајќи го, ние навлегуваме во него и при тоа откриваме: откриваме многу нешта за себе при што стекнуваме нови знаења, читаме и при тоа неминовно се повикуваме на сè она што веќе сме го стекнале како знаење, односно со себе го носиме како симболичкиот капитал кој е, како што погоре споменавме, условен од историскиот, од културолошкиот, од политичкиот контекст на кој припаѓаме и низ кој се идентификуваме себеси, секако со промените кои ги доживуваме и низ кои се градиме и се менуваме идентификувајќи се со постојано друга културолошка, временска или политичка средина од нашите фази на созревање. Процесите на кои сме подложени упатуваат на фактот дека богатството на читање содржини овозможува во секој пристап на текстот повеќе да контекстуализираме, да го прошириме знаењето и да можеме да компарираме повеќе текстови. Во суштина, ние во процесот на стекнување на знаења фактички го практикуваме споредувањето. Се чини дека во целата ситуација, ние со споредувањето ги откриваме начините на кои размислуваме, независно од тоа како читаме и како пишуваме.
Пишувањето и читањето ја подразбира процедурата на придржување до конвенции за градење дејства, заплети, ликови, нивно координирање во конкретни просторно-временски координати, но со овие процеси е актуелизирано и толкувањето и разбирањето на книжевните дела што во суштина секогаш го подразбира споредувањето активно и при разбирањето, имено едно книжевно дело се разбира преку процесот на разбирање на друго книжевно дело. Во овие процеси се конструира мрежа од врски, таа е нераскинлива, таа потврдува дека секој текст е зависен од други текстови.
Според горенаведените ставови, компаративната книжевност е во суштина една многу амбициозна дисциплина, ако не и една од најамбициозните дисциплини. Ако „да се чита значи да се споредува“, според зборовите на многу познати компаратисти како Паскал Казанова, Дејвид Дамрош, Емили Аптер и други познати влијателни компаратисти, се поставува прашање дали треба да говориме за посебна дисциплина, ако таа е заснована врз читање кое значи споредување, а тоа е она што постојано го правиме, бидејќи додека читаме ние во суштина разбираме и споредуваме.
Прашањето кое се поставува гласи како да ја определиме дисциплината и со тоа моќта на компаративната книжевност, бидејќи навистина е проблематично да говориме за компаративната книжевност како посебна дисциплина, ако таа е заснована врз читање кое значи споредување, односно таа е процес актуелен при секое читање. Читаме и споредуваме.
На прашањето за дефинирање на оваа дисциплина, ние можеме да одговориме навлегувајќи во практиката, историјата и теоријата на дисциплината. Токму во практиката се покажува однос кон книжевностите, кон различните јазици и особено кон можностите за нивното поврзување. Во моментот кога од точките на вкрстување се обликува мрежа и се создава шема на врски тогаш книжевноста станува навистина компаративна книжевност, а тоа е едно од највозбудливите интелектуални искуства.
Искажувајќи се низ примери од историјата и од современоста, а при тоа расправајќи за еволуцијата на романот од Мигуел де Сервантес до Олга Токарчук, потоа расправајќи за адаптацијата на нејзиниот роман „Терај си го плугот по коските на мртвите“ во филмот под наслов „Траги“ од Агњешка Холанд, истражувајќи ги сонетите на Петрарка и поемата на Пушкин, песните на Луиз Глик, есеите или романите на Аданија Шибли, поезијата на Блаже Конески и поезијата на Ен Карсон, филмот за љубовта на Кшиштов Кишловски и Вонг Кар Ваи се остваруваат големи патувања меѓу различни и сè понови соѕвездија во текот на кои доживуваме огромни задоволства, бидејќи овие патувања се истражувања и создавања на културни врски меѓу овие универзуми.
Книгата Предизвиците на компаративната книжевност покажува дека ако направиме аналогија меѓу патувањата и начините на кои се остваруваат споредувањата во доменот на книжевноста со меѓусебните комуницирања во сферата на човечките односи, ќе уочиме дека од најраните навестувања на самосвеста, ние премолчено се разбираме себеси преку однос кон другите; онака како што созреваме, ние учиме да го мериме нашиот развој преку постојано повикување на другите од нашата генерација, од претходните генерации или да се споредуваме со новите генерации, оние кои се помлади од нас и така развиваме способности за откривање на сличности и разлики. Во текот на споредувањето, ние можеме низ различни форми на однос да изразиме некогаш емпатија кон Другиот, некогаш да се браниме од Другиот, да чувствуваме завист кон Другиот, но и да го почитуваме Другиот, ние во суштина остваруваме перцепции каде секогаш станува збор за множество од присуства, за повеќе идентитети, за реализација на можности на различни видови на смисла и постоења и различни односи кои се градат меѓу себе и Другите. Факт е дека секогаш кога ќе го насочиме погледот надвор од себеси, кон Другиот, тогаш споредувајќи се учиме.
Поимот компаративна книжевност, покрај тенденциите за објективно изведување на дефиницијата се покажува дека тешко се определува, имено дисциплината компаративна книжевност е дисциплина која е постојано доведувана под прашање. Од друга страна пак, кога ја користиме придавката „компаративна“, ние често наидуваме на проблеми, тие се поврзуваат со многуброни несогласувања и конфронтации околу тоа како треба да се пристапи кон компарирањето. Речиси секој компаратист има поинаква идеја за тоа како се споредува и што може да се споредува; речиси секој компаратист има различен сет од приоритети. Единствен консензус се создава околу тоа дека и терминот и поимот „компаративна книжевност“ е нестабилен, односно постои консенсуз само околу иманентната нестабилност на терминот и на поимот.
Прашањата за тоа што значи компаративната книжевност и која е нејзината методологија зависат од постоењето на канони, имено потребата од канони е поврзана со можноста за воспоставување на нови врски кои се збогатуваат кога според канонот ги воочуваме и со него ги споредуваме другите текстови, а со тоа и другите традиции и другите култури од кои произлегуваат. За разлика од јасно разграничените области на националните книжевности (англиска, француска, шпанска, руска, кинеска итн.), компаративната книжевност, често се истакнува, нема толку канон на текстови, колку што има канони на пристап кон различни текстови. Понекогаш се изложуваат експлицитни размислувања за тоа дека компаративната книжевност не е дисциплина, таа, според овие укажувања, е еден саморефлексивен начин на читање чиј предмет на проучување не е определен или можеби, таа е саморефлексивно начин на читање во потрага по предметот на проучување.
Но, пак ќе прашаме, што е компаративната литература?
Сите компаратисти го слушнале ова прашање многу пати во текот на нивниот работен век.
Таа ги обединува сите оние кои истражуваат и читатаат со цел да стекнат широки знаења, тие самите се генерално заинтригирани од концептот на компаративната книжевност, меѓутоа никогаш не се сигурни за неговите импликации. Несигурноста е составен дел од секоја расправа за компаративната книжевност, бидејќи ниту професионалците не можат да се договорат за еден термин, ниту за еден поим. Повикувајќи се на термините во три европски јазици, можеме да констатираме дека „споредбена“ на француски гласи „littérature comparée“, споредување на германски е „vergleichende Literaturwissenschaft’, а споредбена на англиски јазик гласи „comparative“. Процесот на француски јазик е во минато време и сугерира дека споредувањето веќе се случило, германскиот партицип упатува на процес кој е во тек на случување, додека пак англиската придавка ја замаглува разликата меѓу објектот и субјектот, не знаеме дали литературата е компаративна или пристапот кон неа е компаративен пристап.
Расправата за компаративната книжевност во исто време открива дека таа го збогатува полето на традицијата кон која припаѓаме и низ чија перспектива настојуваме да говориме за компаративната книжевност. Компаративното читање на литературата значи да се сфати колку многу може да се научи ако на тој начин се погледне врз хоризонтот на сопствената традиција; тоа значи дека колку повеќе се изведува откривање за другите книжевности, толку повеќе се разоткрива сопствената книжевност и култура; тоа значи учествуво во еден големиот утописки сон за разбирање на начинот на кој културите можат да комуницираат и меѓусебно треба да комуницираат.
Живееме во епоха која, парадоксално, е дефинирана со миграции и преминувања на границите, тоа значи дека, од една страна, со миграциите го најавуваме излезот од еднојазичноста и монокултурализмот, а од другата страна, ја најавуваме кроскултурната или транскултурната агенда на компаративната книжевност која ја создава основата за градење на суштината и за промислување на иднината на хуманистичките науки. Ние сме компаратисти, затоа што постојано создаваме врски меѓу јазиците, културите и жанровите додека читаме. Прашањето е дали го сфаќаме тоа и колку тоа може да биде прифатено како исклучително значаен придонес, да биде вреднувано како врвен исход кој подразбира дека во центарот на современиот свет е многу битно да се истражува и да се спознава процесот на циркулација на идеите.
Теоријата и практиката на компаративната книжевност е често пати израз на промената на интелектуална клима и на опкружувањето, тоа се промени на кои се адаптираат оние кои се номади, оние кои се емигранти и истражувачи кои ја населуваат територијата на компаративната книжевност, а ја напуштаат територијата на сопствената национална култура и уметност и создаваат и истражуваат што се случува во дијалогот помеѓу културите.
Историјата и теоријата на компаративната книжевност е историја и теорија за тоа како книжевните култури научиле да се гледаат едни со други, тоа е историја и теорија за разбирањата, за недоразбирањата, но и за привилегијата на создавање на пријателства кои значат обид за разбирање преку различните начини на изразување.
Силите на модерната што ја создаваат основата за развојот на оваа дисциплина – од колонијализмот и национализмот до егзил и интернационализмот – се исто така силите што го обликуваа проектот на компаративна книжевност во која доминираат аналогијата, антитезата и културната диференцијација. Компаративната книжевност, накратко, претставува нешто како меѓународни односи меѓу книжевностите и културите. Ако таквото разбирање на компаративната книжевност сугерира дека таа е исто толку политичка активност колку што е книжевно-критичка, тогаш сигурно е дека мора да се разберат променливите перспективи на нејзиното конципирање. Историјата на компаративната книжевност не е само историја на дисциплината; тоа е и историја на начините и на пристапите за тоа како неа како дисциплина ја разбираат преку својата култура оние кои се занимаваат со компаративна книжевност.
Во целокупната расправа за компаративната книжевност се актуелизираат различните, а понекогаш и спротивните пристапи, така може да се каже дека компаративната книжевност е дисциплина која често расправа колку за сличностите, толку и за разликите. Како да ги разбереме механизмите на разликата, а како на сличноста?
Во ред е да се каже дека една работа е како друга, но мора имплицитно да се каже кога постојат разлики, кога нешто не е како другото нешто или појава. Споменувањето на бинарниот принцип во врска со компаративната книжевност, односно контрастивната книжевна особеност е направено со цел да се укаже на фактот дека споредувањето претпоставува способност за разбирање и на разликата. Сето ова значи дека компаративната книжевност е исто толку зависна од реконфигурацијата на споредбите колку и од нивното создавање, и соодветно на тоа, таа привлекува нова група метафори низ кои се искажуваат значењата согледани низ нови перспективи.
Можеби најистакнатата метафора во оваа група е онаа на „сад“ во чија внатрешност се мешаат различни состојки (melting pot). За разлика од сликата на крстопатот, која сугерира дека текстовите и идеите може да тргнат во различни насоки, но сепак ќе продолжат да се движат со задржување на некоја претходно препознатлива форма, лингвистичкото обединување во епохата на предмодерната со користење на латинскиот јазик или санскритот, како и лингвистичкото обединување во постмодерната „светска“ книжевност со користење на англискиот или на францускиот јазик покажува дека локалните идеи претрпуваат фундаментална промена на формата со цел да најдат израз и да станат достапни во многубројните варијации пред очите на една „глобален“ реципиент. Буквално сфатено, ова би значело дека компаративната книжевност го сведува целото пишување во една рамка, надвор од која потоа се појавуваат низа нови, различни рамки исполнети со реконституирани значења создадени во нови, различни контексти.
Се разбира, споредбата дури и во рамките на еден јазик никогаш не може да биде сосема јасна; еден сад може да содржи мноштво од состојки, а улогата на компаратистот е да ги идентификува тие составни елементи и да ги споредува. Лоцирањето на границата помеѓу една верзија на една идеја и друга верзија на идејата, потоа нивното здружување, но и нивното раздвојување е суштински процес актуелен во сферата на компаративната практика. Ако метафората за големиот сад за мешање ја подразбира процедурата на растворање на конфликтните елементи и со тоа решавање на проблемот на разликите, идејата на компаративната книжевност согледана како „гранична, контролна институција“ му обезбедува на секој компаратист значајни и високи компетенции и широк круг на овластувања. Тој со сопствениот симболичен капитал има овластувања според конкретни вредносни критериуми да го блокира сообраќајот на идеи како што може да им обезбеди безбеден премин, затоа може да се сфати дека компаративната книжевност има методи за влегување и пробивање низ текстовите со цел да ги објасни.
Компаратистот дава судови за текот на идеите, со повеќе или помалку либерален, повеќе или помалку laissez faire сензибилитет. Преземањето на таква позиција е етички како и естетски проблематична позиција, меѓутоа тоа не ја прави компаративната книжевност, а ниту работата на компаратистот помалку провокативна, а дисциплината помалку прифатлива дисциплина. Kомпаративната книжевност, според својата суштина, не е толку многу фокусирана само врз работа на границите, бидејќи таа вложува огромни напори тие да станат отворени и низ нив да се минува.
Компаратистите избираат да се дистанцираат од сопствените култури, да се откажат од нивната „национална книжевност“ во корист на едно тешко и со намера избрано бездомништво, бидејќи така подобро може да се прифаќаат другите, туѓите текстови и истите да се пренесуваат со практикување на процесите на споредување. Компаратистите избираат да не припаѓаат на некоја посебна традиција, навистина, оваа „неприпадност“ е веројатно нивната определувачка карактеристика. Како интелектуални емигранти, компаратистите прават врски меѓу културите, но притоа тие, исто така, парадоксално, ги зајакнуваат и разликите меѓу нив. Тоа е причината зошто контрастите за нив се исто толку значајни, колку и споредбите, исклучувањата се поучни, објаснува компаративната книжевност како што се учат и врските, поврзувањата.
За разлика од другите дисциплини, историски побезбедни во својот интелектуален и институционален статус, компаративната книжевност мора постојано да го обновува своето чувство за мисија, постојано си кажува нов наратив за тоа како и зошто книжевноста или книжевностите треба да се „споредуваат“. Ова не се тврди затоа што другите области на хуманистичките науки не се подеднакво динамични и иновативни во начинот на кој тие ја гледаат својата работа; но тие не се дефинирани со истото постојано чувство на несигурност и пристап кој по дефиниција функционира во празнините меѓу дисциплините, меѓу книжевностите и другите уметности.
Компаративната книжевност има континуирана потреба да се оправдува себеси, што ја означува компаративната книжевност како дисциплина која е посветена на промените, како и да е, во рамката на промената која за неа станува интелектуална мода, како постојано да треба да се прави трансформација на метафорите кои ја претставуваат дисциплината. Компаративната книжевност, со други зборови, мора да биде сфатена споредбено, тоа значи дека за неа треба да се расправа историски контингентно, односно специфичностите на контекстот во кој сме расправале за компаративната книжевност во минатото се различни од специфичностите на контекстот во кој за неа расправаме во современоста. Привременото преземање и пренесување на придавката „компаративна“ е засновано врз тоа дека идејата за споредба лежи во поврзаноста на споредбата со идејата за книжевноста воопшто, имено тоа покажува дека за книжевноста сето споредување е исто толку значајно колку и нејзината практика.
Анимирачкиот импулс во компаративната книжевност не е поврзан само со поривот да се има широка перспектива и да се прави рецепција која се движи низ различните форми и јазици на книжевно изразување; во компаративната книжевност има значења кои ја прават политички, етички и естетски исполнет поим, а тоа покажува дека компаратистиката е на прво место вреден потфат. Компаративна книжевност, ако се употреби малку патос, е во суштина еден голем утописки сон да се биде на „ниедно место“ (у-топос) и на тој начин да се биде „на секое место“.
Ако се изразиме попрозаично, компаративната книжевност е широка сфера на теми и на техники. Често се користат сеопфатни категории, како што се извори, влијанија, мотиви, жанрови и митови, меѓутоа компаративната книжевност ги конструира своите аргументи низ што е можно поширок опсег на примери и контра-примери. Единственото одлика на компаративната книжевност е нејзината различност, таа упатува на тоа да се пристапи на начин на кој е возможно да се направи обид да се вклучат други перспективи освен сопствените, бидејќи нарцисоидноста не е нејзина одлика. Со овие техники се тематизира не само критичката перспектива на читателите, туку и креативната перспектива на писателите. Затоа, компаративната литература е техника и теорија: од тврдењето на Сервантес дека Дон Кихот, првиот модерен роман, го напишал арапски автор, според постмодерната практика на конституирање на текстови преку упатување на други текстови, па сè до сознанијата за тоа дека (пост)модерната литература не би можела да постои без прибегнување кон примена на компаративниот метод. Споредбата, значи, не се случува само по настанот, во умот на читателот, туку и за време на процес на составување, во умот на писателот. Она што го нарекуваме интертекстуалност ќе го согледаме во големата мрежа од врски, како на пример, дека Т.С. Елиот инкорпорирал санскрит во Пуста земја, дека Шекспир го повторува она што го има кажано Монтењ. Интертекстуалноста се потврдува како друга форма на споредба, а значењето произлегува од интеракцијата меѓу текстовите. Односот со интертекстуалноста дава само еден пример за тоа како компаративната книжевност се дефинира според нејзината стратешка позиција, имено помеѓу јазиците, помеѓу книжевностите и помеѓу културите.
Теоријата на книжевноста, културолошките студии, постколонијализмот, светската книжевност, преведувачки студии, интермедијалните студии и студиите за рецепција се компаративната книжевност денес, имено таа е заснована врз сите овие дисциплини и многу повеќе од тоа.
Со утврдување на многу точки на вкрстување се појавуваат голем број на повторливи дебати, од оние кои расправаат за променливите поими за „висока“ и „популарна“ култура, преку расправите за хиерархијата на „оригиналните“ и преведените текстови; за концептите и критиките на „канонот“; за статусот и составот на „текстот“, сите овие дебати ја прават компаративната книжевност една од најдинамичните интелектуални области.
Во компаративната книжевност е значајно присуството на идеите за тоа како да се адаптираат вербалните уметности во визуелен свет. Тоа станува една голема идеја и практика на компаративната книжевност во современоста во која живееме. Компаративно кажано, таа е дисциплина која е неопходна меѓу хуманистичките науки во голем дел од западниот свет, но и во маргиналните култури, таму таа останува една од ретките дисциплини отворени за оние кои се заинтересирани за странските книжевности и за пошироките перспективи. За амбициозните читатели преку компаративната книжевност се отвораат други култури, надвор од родните традиции, за таквите читатели компаративната книжевност станува природен дом. Сепак, таа е природен дом и за сите оние „големи“ прашања кои се однесуваат на тоа зошто е значајна литературата, а во продолжение и на прашањата за тоа зошто е значајна културата. Да се споредуваат книжевностите и информациите мора да се направи повеќе од само собирање на сума од нивните фрагменти, во текот на споредувањето како практика сето тоа мора да се направи со размислување и со цел да се оствари заштита на хуманото, бидејќи со востановување на меѓусебните релации меѓу културите, светот на идеите со хумана тежина продолжува да опстојува, а во него останува место за преживување на човекот чиј живот е позагрозен од кога било досега.
Славица Србиновска






