ГАК утре ќе решава за следната фаза на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија

Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) на утрешното заседание ќе треба да ги одобри заклучоците за проширувањето и процесот на стабилизација и асоцијација поврзани со Пакетот извештаи на Европската комисија за напредокот на кандидатите за членство, во чии рамки треба да решава и за закажувањето на вторите меѓувладини конференција со Северна Македонија и Албанија, информираа извори во Европскиот совет.

Истите извори посочуваат дека како што напомена и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, Унијата сака да ги види Северна Македонија и Албанија како напредуваат заедно на европскиот пат, но сепак во врска со термините за меѓувладини конференција повеќе детали ќе бидат познати по утрешното заседание на ГАК.

Во Пакетот извештаи за напредокот на земјите кандидати за членство на патот кон ЕУ, објавен во октомври, во делот за земјава беше посочено дека македонските власти постојано посочуваат дека пристапот во Унијата останува нивна стратешка цел.

– Северна Македонија продолжи целосно да се усогласува со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а земјата, исто така, постигна и одреден напредок во областа на правдата, слободата и безбедноста, вклучително и во борбата против организираниот криминал и управувањето со миграцијата.

Како земја која преговара за членство, како што наведе ЕК во Извештајот, Северна Македонија треба да ги спроведе реформите поврзани со приближувањето кон ЕУ, вклучително и во сферата на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација и управувањето со јавните финансии и јавните набавки.

– Северна Македонија се обврза да ги започне и да спроведе релевантните уставни измени како приоритетно прашање, со цел да ги вклучи (во Уставот) граѓаните кои се дел од други заедници. Скрининг процесот напредуваше непречено, а властите покажаа високо ниво на посветеност. Комисијата во јули му ги претстави на Советот извештајот од скрининг за „основниот кластер“ за Северна Македонија и се надева на негово брзо усвојување, со цел да се отворат преговорите за овој кластер до крајот на годината, се наведува во Извештајот.

Во меѓувреме земјава доби покана од ЕК да ги подготви патоказите за владеењето на правото, реформите во јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и Акцискиот план за заштитата на припадниците на немнозинските заедници, како услов за отворање на преговорите по првиот кластер, кои се очекува да бидат изработени и доставени до Европската комисија до крајот на месецов.

Инаку, во рамки на Пакетот извештаи за проширување беше дадена детална оценка за состојбата и напредокот постигнат во земјите кандидати за членство и Еврокомисијата предложи отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија и доделување на статусот земја кандидат за членство на Грузија, додека во однос на Босна и Херцеговина беше препорачано старт на преговорите за пристапување, откако државата ќе го постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство.

Советот за општи на работи во текот на утрешниот ден ќе треба да ги усвои и заклучоците за евалуација на годишниот дијалог за владеење на правото, како и за менаџирањето со демографските промени во Европа.

На заседанието на Советот ќе биде разгледано и барањето на Шпанија за измена на Регулативата 1/1958 на Унијата со што каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик би биле признати како службени јазици во ЕУ, а дополнително актуелното шпанското и следното белгиско претседателство со блокот ќе го претстават патоказот за активностите на европските институции за 2024 година

Back to top button
Close