Да се биде институција, како гордо тоа звучи
Убаво порача премиерот Мицкоски на насилникот кој му се заканувал со убиство на социјалните мрежи : “Да не бев институција, знам како се решаваат тие работи”. За разлика од него, ние не сме институција и со насилниците се справуваме соодветно нашата моќ и сила. Сите што ни се закануваат, нѐ малтретираат, навредуваат и понижуваат, а ги има многу, секојдневно, не само низ социјалните мрежи, ги игнорираме и замижуваме, како ништо да не се случува.
Конечно, насилниците силата ја добиваат затоа што институциите не постојат во оваа држава. Ако сте обичен граѓанин, тие институции функционираат само и исклучиво за оние кои се однесуваат како да се на тронот, наместо во служба на истите тие граѓани.
Премиерот претпоставувам дека ништо од ова не знае, не слушнал, не прочитал, не видел, не почувствувал. Ниту една неправда, обесправеност, омаловажување, подбивање, закана. Не бил никогаш кревок и слаб, сам против сите, отфрлен и во очај.
Не дознал за луѓето со посебни потреби кои гнијат во сопствените домови затоа што нема институција каде да се обратат, не знае за болните и немоќните кои чекаат и чекаат термини, лекови, нега, доктори и други медицински работници кои не се во доволен број за да можат да функционираат, пари за да преживеат.
Не, не чул за самохраните мајки за кои нема закони во оваа држава и затоа децата се оставени на секојдневната борба на тие мајки, макотрпна борба која само тие ја знаат и никој друг. Не се познати ниту судбините на жените кои треба да бидат убиени од партнерите за да проработи конечно, после толку години барем едно штрафче во некоја институција, која се нарекува државна, што подразбира дека најмалку ги штити луѓето кои живеат во неа.
Знам, тешко е да се води држава која каде што и да допреш се распаѓа и разронува, но тоа е крстот што го носат сите кои се нафатиле да сторат нешто околу тоа, да дадат сѐ од себе да се смени едно зрнце кое виси и се заканува да сруши сѐ околу себе.
Не е лесно, но далеку, сериозно ужасно потешко им е на сите кои не се дел од моќта и силата. Да се биде институција, колку гордо звучи тоа, за оние кои замислиле дека ја поседуваат, како најмилото, како единственото за кое вреди да се дише, да се биде. Но, да се живее, ех, тоа е веќе друго.







