Мистериозен вирус покоси 100 украински деца во руски воз, починало едно девојче

Децата, сите од окупираниот регион Луганск, се враќале со воз од екскурзија во Сибир, кога неколку од нив се пожалиле на високи температури.
Околу 126 деца и 11 возрасни се префрлени во инфективната болница во Саратов, јавија руските медиуми.
На почетокот, околу 60 деца покажале знаци на акутна респираторна инфекција, додека седум имале многу висока температура. Возот бил запрен во регионот на Пенза, а потоа лекарите влегле во вагоните.
Иако лекарите дале сѐ од себе за да ја спасат 12-годишната Вероника Ју, таа за жал починала откако доживеала сериозни симптоми. Девојчето пред смртта се пожалило дека ѝ е лошо и дека има температура од 39 степени. Ѝ дале лекови, но веднаш изгубила свест. Лекарите не можеле да ѝ помогнат и таа на крајот починала.
“Кога девојчето изгубило свест, веднаш за тоа бил известен управителот на возот. Била повикана брза помош која дошла до најблиската станица. Но, лекарите не успеале да го реанимираат детето и била констатирана смрт”, соопштено е.
По трагичната смрт на девојчето, возот продолжил до станицата Балашов во Саратов, каде ги пречекала возила на брза помош. Децата кои први пријавиле симптоми прво биле земени на лекување, а потоа и другите ученици и возрасни.
Здравствениот надзор Роспотребнадзор објави дека инцидентот е ставен под „специјална контрола“. Воспоставена е и 24-часовна телефонска линија за да можат родителите да пријават доколку нивните деца покажуваат слични симптоми.
Децата биле во олимпискиот камп „Ребјачка“ во Западен Сибир, што ги натерало лекарите да ја проверат состојбата на децата кои сè уште престојуваат таму.
По инцидентот полицијата покренала истрага, а кога ќе биде завршена ќе бидат познати повеќе детали.






