НОВОГОДИШНИ КРАСТАВИЦИ

На толку прекраснотии во главниот град, злобните скопјани се фатија за елката на градоначалничката Данела Арсовска. Крива била, ненакитена била, ни се смееле Србите. А и Хрватите.

Глупости. Баталете елката. Не гледате колку е среден градот. Живееме во модерно Скопје, како што ветуваше градоначалничката што на гласачите подмолно им ја подметна ВМРО-ДПМНЕ како независна кандидатка и најдобра менаџерка во светот. Ама шуќур, се погоди жената. Јавниот превоз функционира беспрекорно, мостовите се пуштени, сообраќајниот метеж е растоварен, градот е чист, почист, како никогаш досега, градењето на пречистителната станица на Вардар е во полн ек, клучката кај Момин Поток е пред завршување… За малку ќе стасаа и 250-те автобуси што ги купуваше заедно со Христијан Мицкоски за бесплатен јавен превоз, да не беа „манипулациите, сензационализмот и шпекулациите од политичките партии кои 30 години ја цицаат Македонија“. И животните во Зоолошката градина умираат од стресен живот истраумитизирани од „крадење 30 години, приватизација и бркање илјадници луѓе од работа“.

Ќе се слика градоначалничката по 100-ти пат од Америка и други странства на „студиски патувања“, каде што ја учат на добро владеење, транспарентност и отчетност за трошењето јавни пари. А кога ќе се врати дома ќе се жали по странските амбасади дека сите се против неа оти ем е жена, ем независна, ем успешна и ќе се заканува со тужби „ако не го повлечете текстот во рок од 48 часа“. Нејзиниот успех е толку очебиен, што зборува самиот за себе и нема потреба градоначалничката да се појавува пред новинарите. Батали медиумите, туку не се појавува ни на седниците на Советот на Град Скопје, каде што не само што не одговара на советнички прашања, туку не гледа потреба да ги брани ни сопствените проекти што треба да ѝ ги изгласаат.

Зошто да не ѝ веруваме на збор дека имало јавен повик за трошење 30.000 евра за украсување на Скопје, иако повикот никаде го нема? Кој рекол дека јавниот повик не смее да биде таен? Може Данела пратила телали со барабани да викаат низ Скопје: „Чујте почујте, ќе се кити Скопје, сум решила 30.000 евра да потрошам, кој сака да украсува и да прави забави на Плоштад нека се пријави!“. Ако никаде ја нема објавено јавната набавка и кој добил на тендер, сигурно од дома ги платила украсите. Оти, ако платиле други, ќе помислат луѓето дека тоа е поткуп, или не дај боже рекет. Како да не ѝ веруваме на збор, кога секојдневно на дело ни покажува колку успешно го менаџира Градот. Како што успешно ги водеше нејзините приватни бизниси со салата „Расадник“.

Данела Арсовска е на половина мандат, а веќе се гледа најголемата придобивка од нејзиното владеење. Им даде урнек на сите идни власти како може успешно да се владее со мамење, жалење и игнорирање на јавноста и на институциите.

Туку, ВМРО-ДПМНЕ што го запусти Скопје, го запусти. Ама за СДСМ ми е муабетот. Колку ли треба да си очаен како партија на власт, да се кладиш на Данела дека таа ќе го зафркне ВМРО на Мицкоски и ќе му одлее гласови на избори? Најдоа со кого да садат краставици.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк мк

Back to top button
Close