Краков

Колумна на Трифун Костовски

Почитувани читатели, денешната колумна ќе ја посветам на градот Краков, некогаш главен град во средновековната историја на Полска, многу моќна држава која се протегала од Северното Балтичко Море, па сѐ до Црното Море на југ.

Како човек сум вљубеник во полската култура, нејзиното културното наследство и историја. Но мојата почит кон оваа држава е уште поголема зашто ми овозможи да се изградам како силен стопанственик и да научам како се сака сопствената татковина и народ.

Со моите пријатели за дочекот на Новата 2024 година заминавме во Краков, дестинација за која повеќе претендираа пријателите, отколку јас.

Како стопанственик Краков ми беше многу честа дестинација. Во 80-те години, некогашниот силен производител на кабли од Македонија ,,9-ти Мај” од Неготино, направи добра соработка со и ден денес моќната полска фирма за производство на кабли, ,,Краков” сместена во градот Краков.

Македонската фирма ,,9-ти Мај” набавуваше во големи количини бакарна жица, во замена за ПВЦ произведена во фабриката ,,9-ти Мај” преку бартер договор, кој во тие времиња значеше живот за ,,9-ти Мај” од Неготино.
Денес во Македонија ,,9-ти Мај” е минато, а во поголема или помала мера ова производство денес се практикува во Кромберг и Шуберт во Кавадарци.

„Све је исто али њега нема” – дозволивме како држава да пропадне силен индустриски субјект за денес да даваме субвенции, како држава на правен субјект од странство. Браво за нас и нашата македонска мудрост!
Во истиов период од 80-те години испорачавме огноотпорен материјал во коксните батерии кои беа во склоп на железарата некогашна ,,Хута-Лењина”, а после 90-те години ,,Хута-Сенџимира”. Материјалот од Македонија беше испорачан од ,,Силика-Гостивар” како силикатна опека за коксни батерии.

Денес ,,Силика-Гостивар” е минато. Остатокот од оваа некогаш моќна фабрика е рудникот Чаиле, Гостиварско, кој денеска ископува и преработува доломит со најниска фаза на доработка.
Каде бевме, а кај сме денес?

Во 90-те години од минатиот век и првата декада од овој век, мојата фирма ,,Кометал” беше доставувач на железна руда, агло руда и железни пелети за железарата во Краков.
Соработката беше секојдневна, затоа и моите посети на Краков беа многу чести.

Во времето на комунизмот Полска важеше за силна, индустриско, земјоделско-сточарска земја. Вообичаено, индустрискиот дел беше загадувачки и токму од тие причини југот на Полска, почнувајќи од Гљивице, Катовице, Сосновјец и Краков, личеа на градови каде владееше црнилото. Тоа е регионот Шлонск или по германски Шлезие, кој изобилува со најголеми резерви на јаглен во Европа и светот.

Глобализацијата како наратив ја одигра улогата и во самата Полска. После паѓањето на Берлинскиот sид, Полска тргна во силен и прогресивен развој следејќи ги сите напредни светски трендови.
Како членка на НАТО и ЕУ, Полска го забрза својот економски развој. Денес е можеби единствена земја во ЕУ која бележи силен економски развој.

Полска е единствената земја во ЕУ која во најголем процент успеа да ги врати Полјаците во сопствената татковина, во неа да ја градат својата иднина. Процес од кој ние граѓаните во Република Македонија треба да учиме.
Местото и улогата на црната металургија за само две децении драстично се измени, бидејќи се појавија нови производи кои го заменија металот на многу поефтин и пософистициран начин. Градот Краков ја затвори железарата Сенжимир, заедно со нејзините коксни батерии Говорам за железара со капацитет од 2 милиони тони челик и 7 милиони тони кокс производство на годишно ниво. Носењето на ваква одлука е сериозен чин, меѓутоа кога говориме за иднина од мој личен аспект , ова е вистинска одлука.

Денес сите градови од југот на Полска се чисти со комплетно реновирана и освежена архитектура. Прв пат во мојот живот Краков беше место каде допатував за новогодишна прослава. Доживеав културолошки шок. Понудата што денешен Краков ја нуди на туристите од светот е вистински бисер и невозможно е да не бидат воодушевени.
Прв пат ја почувствував архитектурата на Краков во самиот центар на „Краковски тарги” и прв пат го доживеав дворецот Вавел на Јагелонската династија од кралевите на некогашната моќна Полска држава, како никогаш до сега. Прв пат се заљубив и во „Вијеличка” , најпознатата светска солана.

Учев, учам и ќе учам од Полската култура, учам од самите Полјаци, од нивното животно искуство и нивната историја. Љубезноста на Полјаците плени. Убеден сум дека Полска е единствената држава во ЕУ, каде нејзините граѓани имаат огромна желба да ви помогна т да го изучите нивниот јазик, култура и традиција, доколку за тоа имате интерес и потреба.

Третманот за „новодојденците” во Полска има значење на љубов и почит, а не како останатите европски земји кои ги третираат како граѓани од втор ред. Љубезноста на Полјаците како домаќини извираше за време на целиот наш престој во овој убав град, почнувајќи од службите на аеродромот, таксистите, услужните работници во хотелите, рестораните и кафулињата, до најобичните улични минувачи. Таа култура не е случајна, во градот никнат далечниот 7 век, на секоја улица ќе ве восхитуваат музеи, театри, филхармонии, престижни школи и универзитети, здивот на ренесансната уметност.

Краков за новогодишните празници беше полн со туристи од Канада, Америка, Англија, но мислам дека и многу граѓани од Македонија го посетија овој прекрасен град.

Сакам да ја споделам мојата размисла за причините кои доведоа до силен препород на Полска. Недвосмислено, патината од минатата историја на оваа некогаш моќна држава меѓу генерациите Полјаци кои денеска живеат во неа, е длабоко вкоренета. Образованието и во времето на комунизмот и денес има силна поддршка од целото општество. Генетски здрав народ со силна меморија и силно образование го даваат денешниот резултат кој ја потврдува Полска како прекрасна и успешна држава.

Се заљубив во Краков – не случајно светско културно наследство. Препорачувам на многумина од вас да најдете можност и да го посетите овој древен град крај реката Висла. Верувам дека ќе се вљубите во градот облагороден со многу цркви, синагоги, базилики…

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close