Примената на законот во Кочани сизифовска работа

И по огромната катастрофа што му се случи на градот со пожарот во дискотеката „Пулс“ лавиринтите на моќта и натаму го имаат главниот збор. Пишув Соња Крамарска

Една навидум неважна вест вчера (05.05) осамна на медиумите токму кога беше донесена првата пресуда за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Веста беше дека градоначалникот на Кочани применил закон во ситуација кога дошло до дуплирање на функции кај една иста личност: и претседател на Советот на општина Кочани и директор на основното училиште во Кочани.

Мало задлабочување во веста и случувањата кои и претходеле, покажува дека во Кочани по трагедијата која однесе 63 млади животи, сѐ си продолжило по старо. Освен што една цела генерација младинци е збришана од подиумот на животот и ја нема повеќе. Човекот кој вршел две функции истовремено, а кои не смеел да ги врши, спокојно си седел на двете столчиња. И со тоа го кршел членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси кој вели дека „избрано или именувано лице не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување или надзорен орган во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал“.

За извршувањето на двете функции истовремено, знаеле сите, но изгледа само на мал број луѓе им пречело, додека другите биле неми посматрачи. И двете функции се јавни, и функцијата претседател на Совет на општината и функцијата директор на основно училиште. Должен бил да знае и градоначалникот кој треба да се грижи за законитоста на одлуките и постапките во општината, кои се негова надлежност, како што е и назначувањето на директор на основно училиште. Но сите си молчеле, веројатно да не се замерат.

Токму таков молк и вртење на глава од кршење на законот доведе до трагедијата во Кочани која зави во црно повеќе десетици семејства, и остави неизбришливи траги и трауми во индивидуалната и во колективната меморија на општината и на целата држава.

Акција на „Доста беше“

Но лекциите во нашата држава најтешко се учат, па и една таква катастрофа не делуваше поучно за да се спроведува законот.

И можеби господинот ќе останел да седи на двете столчиња ако не се активирала независната советничка група со симболично и многу погодно мото – „Доста беше“. Благодарение на таа советничка група, тој е приморан да избере која од функциите ќе ја извршува. Но интересно е дека тоа не го направи доброволно или на барање на градоначалникот, туку под притисок на советниците од „Доста беше“. Случајот се влечел долго време што наведува на заклучок дека протагонистите се противеле на примената на законот. Или пак партиската моќ давала ветер во грб.

Групата под мотото „Доста беше“, на 4 март оваа година до градоначалникот на Кочани поднела барање за разрешување на директорот на ОУ „Никола Карев“. Но и тоа не било доволно да се седне и да се отвори законот туку на 10 март општината побарала толкување од Државната комисија за спречување на корупцијата и нејзино мислење за постапување во конкретниот случај. Одговор добиле на 1 април во кој му било предочено на градоначалникот дека е должен да ги почитува прописите за неспоивост на функциите а на 14 април ДКСК и директно побарала директорот да биде разрешен или да поднесе оставка. На 21 април градоначалникот го известил директорот и претседател на Советот на општината, Александар Андов, за препораката од ДКСК, но ни тоа не му било доволно на директорот да се повлече, туку училиштето на 4 мај го известило градоначалникот дека треба да се произнесе Училишниот одбор.

Замислете колкав е тој синџир на префрлање на топката од еден на друг, криење зад училишни одбори, пишувања писма и чекање одговор, само да се избегне примената на законот. Тоа правење на карикатура од системот, исто така беше и главната причина за пожарот во дискотеката. Кочани како да не страдаше доволно па повторно се случуваат исти злоупотреби и заобиколувања на законот.

„Би останал за да го подобриме животот во оваа држава“

Партиските богови и натаму над законот

Според тоа што можеше да се слушне во вторникот (5.05.) приказната е завршена, и Андов кој е патем од партијата ВМРО-ДПМНЕ немал каде и морал да се повлече од директорската функција и да остане само на функцијата претседател на Советот на општина Кочани. Ќе видиме дали ќе биде така, затоа што во нашата држава сѐ уште се на сила партиските богови а не законот.

Меѓутоа начинот на кој дојде до таа разврска е поразителен. Излегува дека притисокот до функционерите да го почитуваат законот е како тркалање камен по нагорнина. Или сизифовска работа.

Со пребарување на податоци за овој случај, се доаѓа и до веб страницата на училиштето „Никола Карев“ каде незаконски директорувал претседателот на Советот на општината, Александар Андов. И веб страницата „раскажува“ приказна на небрежност, неодговорност и незаинтересираност. Последните податоци за распоред на часови се за 2021/2022 година. Последната вест за активности на училиштето е повик за заеднички дочек на новата 2020 година. Последната информација за запишување на ученици е за учебната 2020/2021 година. И делот за директори на училиштето не е ажуриран подолго време, а за досегашните директори чии имиња се наведени нема никакви придружни податоци за образованието и времето кога ја извршувале должноста.

Кочани тоа не го заслужува. Градот и општината кои во изминатата година беа посетени од многу амбасадори, и од странски делегации, требаше да бидат пример за почитување на законот. Од Кочани требаше да тргнат промените на подобро во Македонија. Затоа што Кочани беше лекција што не смее да се заборави. Но изгледа таа лекција ја пропуштивме. Случајот со двојството на функциите е само мал пример кој наведува дека штом во јавната сфера се случуваат такви работи што ли останува за случувањата во лавиринтите на моќта.

Back to top button
Close