ВИДЕО: Eксплозија на рачна бомба во Северна Митровица – две лица се повредени

Во експлозијата, според косовската полиција, биле оштетени и седум автомобили кои биле во близина. Безбедносните органи на Косово велат дека работат на расчистување на случајот

Две лица се повредени во експлозија на рачна бомба која одекнала доцна синоќа во Северна Митровица, пренесуваат српските и регионалните медиуми.

Заменик- директорот на полицијата за северниот дел на Косово, Ветон Елшани за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавил дека едно од повредените лица е во тешка здравствена состојба и се наоѓа на лекување во болница во Северна Митровица. Сепак, и покрај тешката состојба, според Елшани, повредниот е надвор од животна опасност.

Другото лице, како што се наведува, е полесно повредено.

„Немаме причина да веруваме дека овој случај е поврзан со етнички прашања“ рекол заменик-директорот на полицијата за северот на Косово.

Полицијата соопштила дека инцидентот се случил синоќа во 23:50 часот, кога три лица од српска националност, од кои двајца се повредени, излегле од ресторан кај хотелот „Бишевац“ на улицата „Кнез Милош“ во Северна Митровица. Во тој момент им се приближил автомобил од кој била фрлена рачната граната.

Во експлозијата, според полицијата, биле оштетени и седум автомобили кои биле во близина. Безбедносните органи на Косово велат дека работат на расчистување на случајот.

Експлозијата, како што пренесува Н1, ги вознемирила жителите на Северна Митровица, а дел од улица „Кнез Милош“ била затворена за сообраќај.

Според телевизијата, на местото пристигнале и припадници на ЕУЛЕКС и на КФОР, а истрагата за инцидентот е во тек.

Во Северна Митровица, општина со мнозинско српско населени и претходно имаше инциденти со експлозивни направи.

 

Back to top button
Close