ДРЖАВЕН ПРИТВОР

Судската мерка претпазливост – одземање на патна исправа за осомничени и обвинети за криминал – веќе губи смисла. Од 13 февруари половина граѓани, ни криви ни должни, ни обвинети ни осомничени, ќе бидат под мерка на претпазливост. И без да го остават пасошот да им го чува судот, нема да смеат да ја напуштат државата. Ќе бидат во државен притвор. Не успеале да си ги сменат пасошите со уставното име на државата. Уште и личните карти ако не си ги смениле, ни до Врање во Србија на шопинг во „Лидл“ нема да можат да одат.

Настрана мерките за претпазливост, со неуспехот да се заменат сите стари пасоши, тинејџерите што сега навршиле 18 години не можат да си извадат лични карти. Првите термини за кога им е закажано сликање во пунктовите на МВР им се во септември, октомври. Нема да можат да гласаат на претседателските и парламентарните избори оваа пролет. Оваа неодговорност на властите и на државната администрација доведе до тоа, на илјадници млади луѓе што веќе се полнолетни државата ќе им го укине основното граѓанско право гарантирано со Устав – да гласаат. Да избираат и да бидат избирани. Утре да поднесат тужба до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур – ќе ја победат државата.

Звучи грубо, ама, како да го наречеш ова ако не распад, кога државата не може на своите граѓани да им издаде лични документи за идентификација? Тие матуранти на кои државата не успева да им обезбеди навреме учебници и свидетелства, соочени со стресот дека можеби и матурскиот испит ќе им доцни оти ќе штрајкуваат од испитниот центар, па нема да можат да ги фатат роковите за упис на факултетите, сега доживеаја да не можат ни да гласаат на првите избори на кои имаат право да гласаат. На следните избори, за четири години, може ќе гласаат на некои локални избори во Велика Британија, Швајцарија, Франција, Германија…

Зошто? Затоа што некој од таа администрација, која за плати ни ги троши даноците што ѝ ги плаќаме на државата, не си ја завршил работата за која е платен и навреме не успеал да ги промени личните документи со новото уставно име на државата.

Па после, ќе се вџашуваме колку деца не се појавиле на час во второ полугодие, оти за време на распустот нивните родители се иселиле.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close