Сопругата на Навални го обвини Путин дека е лично одговорен за неговата смрт

Владимир Путин е лично одговорен, вели сопругата на Алексеј Навални, Јулија откако денеска е соопштено дека тој починал. Таа зборуваше на конференцијата за безбедност во Минхен.

„Владимир Путин е лично одговорен за сите страшни работи што ги прават на мојата земја“, рече таа.

Таа додаде дека не знае дали да верува во страшната вест што ја објавија руските власти.

„Многу години не можеме да им веруваме на Путин и неговата влада. Тие секогаш лажат“, изјави Јулија.

Канцеларијата на Федералната казнена служба на Русија за автономниот округ Јамало-Ненец објави претходно денеска дека Навални се чувствувал лошо по прошетката и изгубил свест, по што е неуспешно реанимиран, а причината за смртта се утврдува. Навални отслужуваше 30-годишна затворска казна и беше познат како остар критичар на Кремљ.

Францускиот претседател Емануел Макрон ја обвини Русија дека ги осудува „слободните духови“ на смрт откако најистакнатиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални почина во затвор на Арктикот.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека Русија е одговорна за смртта на опозицискиот политичар Алексеј Навални, доколку веста за неговата смрт е точна.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја повика Русија да одговори на прашањата поврзани со смртта на опозицискиот лидер Навални и додаде дека е неопходно да се утврдат фактите поврзани со неговата смрт.

Back to top button
Close