НА ШТРЕК

Хит на неделата ми е една слика од македонската амбасада во Брисел. Отишол техничкиот премиер Талат Џафери во седиштето на ЕУ. Да го потврди европскиот пат на земјата. Оти, нели техничка Влада, па случајно да не скршне од патот, со него отишле и вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерот за внатрешни работи Бујар Османи. Патем, да не им бидат џабе потрошени дневниците, отишле до амбасадата да видат како нашинците во дијаспората се сликаат за нови пасоши. Граѓанинот седи пред камерата, дипломатот фотографира, над него Бујар Османи божем заинтересирано внимава што податоци внесува службеникот во компјутерот, а Маричиќ и Џафери отстрана прават длабински скрининг на сложената операција.

Премиер, вицепремиер и министер за надворешни работи вршат увид во сликање за пасош. Да ми е да знам што ли си мислат во тој момент, овековечен во историска фотографија? Ова мора да е чудо невидено. Замисли, човекот успеал да фати термин за сликање за македонски пасош. И тоа, не во Скопје, туку во Брисел.

Всушност, оваа слика ја прикажува реалноста. На неа се гледа како функционира македонската администрација на државна плата. Еден работи, тројца гледаат. А и тој што работи, не му е баш по ќеф. Кај баш во негова смена се погоди да му дојде шефот.

2Ај што со задоцнетата и хаотична промена на личните документи нѐ тормозат нас што останавме тука, туку што ли им згрешиле луѓето што избегале од Македонија? За да си дојдат во земјава мора да патуваат стотици и илјадници километри за да добијат патни листови, да трошат пари што не им биле планирани за трошење, да губат работни денови, да си го планираат губењето време во Македонија… Замисли, тамошните газди да им одобрат колективен одмор на сите Македонци. Па тоа ќе биде сложено за менаџирање дури и за една германска администрација.

Туку, за да не се повтори грешката на македонскиот амбасадор во Рим, кој самоиницијативно побрзал да ја извести италијанската влада да не им ги признава важечките пасоши со старото уставно име на 100.000 македонски граѓани што живеат во Италија, можеби не е лошо, министерот Османи да испрати една нота до сите земји со кои ќе ги замоли, барем тие да не ги тормозат нашите граѓани.

Еве вака:

Драги пријателски и непријателски земји, стратешки партнери и останати нестратешки држави, признати и непризнати територии, ве молиме вие да им ги признавате старите пасоши на нашите граѓани, а ваши сограѓани. Немајте грижа за нас политичарите. Ние си имаме пасоши, и обични и дипломатски и службени. И ние не мора да чекаме ред за сликање. Ама, имајте разбирање за нашите луѓе што живеат кај вас. Пуштете ги да си дојдат дома да си ги сменат пасошите. Тоа се фини луѓе, почитуваат закони, сакаат да си имаат легален документ, како што вие сте им дале легални документи за престој. Патем, ќе си ги видат родителите, ќе се подружат со некое другарче што останало, ќе поправат кров на старата куќа… Без грижа, ќе ви се вратат. Вашата земја ќе ја градат. Вам ќе ви плаќаат даноци. Тие не сакаат да живеат со нас. Тие избагале баш поради нас, политичарите.

Со почит, Бујар Османи.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк

Back to top button
Close